Велика Британија може да нареди приведување на повеќе француски пловила како одмазда, откако Франција задржа англиски рибарски брод во француските води, предупредија од британската влада во најновата ескалација на спорот за риболовот кој се појави по британското напуштање на Европската унија.
Британското министерство за надворешни работи ја повика француската амбасадорка во Лондон да ги објасни последните активности на Париз.
„Јасно е дека секогаш ни е отворена можноста да ги зајакнеме мерките кои ги спроведуваме над француските пловила, да приведеме повеќе од нив, доколку тоа го прават со нашите пловила. Постојат и други административни работи кои можеме да ги бараме од пловилата. Тоа не е нешто во што сакаме да навлегуваме“, изјави во петокот за BBC, британскиот министер за заштита на природната средина Џорџ Јустис.
Британскиот рибарски брод „Cornelis Gert Jan“ беше приведен во северното француско пристаниште Ле Авр, откако екипажот не можел да докаже дека има дозвола да рибари во француските територијални води.
Министерот Јустис вели дека Лондон засега е насочен на обидот да се реши проблемот со Европската комисија и со франциската амбасада.
„Очигледно е дека ја задржуваме можноста да возвратиме на пропорционален начин“, додава британскиот министер.
Франција предложи потенцијални санкции против Велика Британија, доколку не биде постигнат напредок во преговорите, вклучително и дополнителни царински проверки на британските стоки од 2-ри ноември и намалување на извозот на електрична енергија на Островот.
Францускиот министер за земјоделство Жулиен Денормандие изјави за телевизискиот канал France 2 дека нема придвижување во преговорите меѓу Париз и Лондон за риболовните дозволи по брегзитот, и оцени дека е исправно Франција да разгледудава санкции против Велика Британија.