Нова иницијатива за породилно отсуство, откако СДСМ ја отфрли претходната

Времето кое ние мајките го имаме со нашите деца по нивното раѓање не е доволно, а особено со оние деца родени со аномалии, затоа наместо девет, бараме 18 месеца породилно отсуство, вели Снежана Кузмановска, еден од иницијаторите да се продолжи периодот на породилно отсуство.

При поднесувањето на текстот до Собранието, пратениците на СДСМ го отфрлија предлогот, како наводно неуреден. За телвизијата ТВ НОВА Кузмановска зборуваше за причините поради кои иницијативата беше одбиена.

 

„Нема да се откажеме од нашите барања и да застанеме тука. Следната недела поднесуваме уште една иницијатива за продолжување на породилното отсуство. Ќе ги собереме потребните потписи и повторно ќе ја поднесеме до Собранието“, рече Кузмановска.

 

Еден од аргументите против продолжување на отсуството беше дека жената ќе ги загуби своите работни навики, но  Кузмановска не се согласува со тоа.

Со цел да им се помогне на мајките кои одново треба да ја повторуваат целата постапка до Собранието, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата За подобра Македонија најавија дека ќе ги поднесат неопходните измени на Законот за работни односи што се однесуваат на породилното отсуство.

Актуелниот закон за работни односи предвидува работничката за време на бременост, раѓање и родителство да има право на платено отсуство од работа во траење од девет месеца непрекинато, а доколку роди повеќе деца одеднаш (близнаци, тројка и повеќе) 15 месеци. Истото важи и за оние работички кои ќе посвојат дете.