Секојдневно расте бројот на странски туристи во Македонија, а според тоа потребни се квалитени туристички водичи кои на атрактивен начин ќе им ги престават македонските убавини на гостите.
За таа цел, Владата и Министерството за образование и наука подготвија нова програма и унифицирана цена со кои ќе се создадат квалитетни водичи.
Како што нагласи денеска министерот за образование и наука, Спиро Ристовски, туристичките водичи се репрезенти на државата и призма низ која странските гости го градат впечатокот за нашата, и воопшто за секоја земја.
„Од квалитетот на нивната презентација зависи дали странските посетители ќе си заминат дома со пријатани впечатоци и реална претстава за историјата, географијата, општественото уредување и културно наследство на земјата којашто ја посетиле“, истакна министерот.
Тој појасни дека за подигнување на квалитетот на овој стручен профил, Министерството заедно со двата државни факултети, Факултетот за туризам и угостителство во Охрид и Факултетот за туризам и бизнис логистика ја унапредија Наставната програма за стручен испит за добивање лиценца. Оваа програма е поддржана и од Стопанската комора за туризам на Македонија и Здружението на туристички водичи.
Новата програма е подготвена согласно со Европската рамка за туристички водичи според искуствата на Црна Гора и Хрватска, лидери во туризмот во регионот.
Во програмата за обука и испитната програма за туристички водичи се дефинирани бројот на единици, односно часови за обука, – вкупно 610 часови во траење од по 60 минути на кои ќе се изучуваат предметните програми, методи и техники, начини на презентаци и демонстрација на туристичка тура.
Ристовски додаде дека новина е полагање на практичен дел, односно пред соодветна комисија кандидатите ќе симулираат своја тура која ќе ја презентираат на македонски и уште еден странски јазик.
Оваа лиценца за туристички водич може да се добие по новата унифицирана цена од 15.000 денари, а според планот, обуките ќе стартуваат во јуни.
„Ова е интегрален пристап во унапредувањето и унифицирањето на материјата за стекнување на знаења и стручност, со што како Влада очекуваме значително подобрување на една од најважните алатки за преставување на Македонија пред гостите, а тоа е туристичкито водич“, потенцираше министерот.
На програмата за добивање лиценца за туристички водич можат да се пријават сите заинтересирани граѓани.