Нова резолуција на IAEA со апел за повлекување на Русија од нуклеарката Запорожје

Меѓународната агенција за нуклеарна енергија (IAEA) ја донесе во четвртокот третата резолуција од избувнување на војната во Украина, апелира на Русија да ги прекине сите акции во украинските нуклеарни постројки, особено повикувајќи на моментално повлекување“ од нуклеарната централа во Запорожје, најголемата во Европа.

Одборот на гувернери на IAEA, која е агенција на Обединетите нации, кој брои 35 члена, а како дознава Reuters од дипломати кои гласале зад затворени врати, 24 земји гласале за резолуцијата. Русија и Кина биле против, додека Индија, Пакистан, Саудиска Арабија, Јужна Африка, Виетнам, Кенија и Намибија биле воздржани.

„Изразуваме сериозна загриженост што Руската Федерација не ги послуша повиците на Одборот веднаш да ги запре сите акции против и во нуклеарните објекти и бараме тоа да го стори веднаш“, стои во текстот на резолуцијата.

Москва повеќепати одговори дека не изведува никакви акции во близина на нуклеарните постројки, а повеќе месеци наназад предупреди дека украинската војска ја гранатира нуклеарната централа Запорожје, која е под контрола на руските сили од самиот почеток на војната, како и дека прави постојани обиди за воено заземање на централата што предизвикува сериозни ризици од голема хаварија.

Одборот изрази и загриженоста поради „неприфатливиот притисок и притворање“ на украинскиот оперативен персонал во нуклеарката Запорожје, што се темели на украинските извештаи, како и повторените прекини на надворешното снабдување со електрична енергија по гранатирањата во таа област. Меѓутоа, Одборот не наведува кој е одговорен за гранатирањата на доводите, па произлегува дека руската војска самата ја гранатира централата којашто ја држи под контрола.

Како што пишува агенцијата Reuters, без наведување извори, украинскиот персонал продолжува да управува со нуклеарката Запорожје во услови кои IAEA оценува дека ја загрозуваат безбедноста на постројката.

Русија ја обвинува Украина за гранатирањата кои оштетиле згради и ги прекинале електричните доводи важни за ладење на горивата на реакторите и избегнување на нуклеарно топење. Но Одборот не го наведува тоа во своите резолуции.

Челникот на IAEA, Рафаел Гроси, повеќепати повика на воспоставување заштитна зона околу нуклеарката Запорожје, за да се запре гранатирањето и да се намали ризикот од катастрофална нуклеарна несреќа.