Новата американска амбасадорка Кејт Мери Брнс денеска го имаше првиот работен ден, преземајќи ја должноста од в.д. амбасадорката Микаела Швајзер Блум, информираат од американската амбасада во Скопје.
Брнс е дипломат веќе 26 години. Како амбасадор во земјава доаѓа по нејзината функција заменик шеф на мисијата на САД во Атина. Претходно беше постојан претставник на мисијата на САД на ОБСЕ во Виена. За време на сослушувањето во сенатот, Брнс кажа дека работата на амбасадата ќе се фокусира на три области: ќе промовира стабилност низ силни институции, ќе работи на зајакнување на безбедноста преку партнерство и ќе работи на поттикнување на просперитетот преку позитивно влијание. Нејзиниот претходник Џес Бејли од функцијата си замина во февруари годинава.