ФОТО: Во Париз Новата година дочекана под Триумфалната капија

Жителите на Париз и туристите ја дочекаа заедно Новата година на Елисејските полиња под Триумфалната капија, јавува МИА.

Прославата која беше одржана и покрај терористичките закани, беше малку олесната и пократка од предвиденото, без традиционалниот огномет. Видео спектаклот траеше само десетина минути, а сообраќајот на најубавата авенија во светот беше отворен многу порано од предвиденото.

Во 23 часот и 50 минути Триумфалната капија се обои во „тробојката“ – трите бои на француското знаме со звуците на Марсејезата и аплаузите на публиката, во која најбројни беа странските туристи и тие дојдени од провинциските градови на Франција.

Потоа Триумфалната капија послужи како екран за видео спектаклот во кој беа асоцирани насмевнати анонимни лица и на познатите париски споменици, завршувајќи со виртуелен огномет.

Ако за дочекот на 2015 година на Елисејските полиња (Шанзелизе) на 31 декември 2014 се собраа над 600 000 лица, синоќа очигледно нивниот број беше помал. И само пет минути по полноќ во новата 2016 година, откако заврши видео проекцијата, толпата народ започна да се разотидува.

За безбедноста на новогодоишната ноќ низ цела Франција се грижеа над 100.000 припадници на силите на редот и армијата, 39.500 пожарникари и 36 мобилни единици за интервенција.

Само во Париз и неговата околина беа мобилизирани 11.000 припадници на безбедносните сили. Поздравувајќи ги во текот на ноќта, министерот за внатрешни работи на Франција Бернар Казенев нагласи:

Тоа е исклучителна мобилизација. Ние се наоѓаме на ниво на крајно висока терористичка закана во Европа и Франција.

Тој притоа ги спомена крајно заканувачките пораки на Исламската држава.

До пладне не се пренесени информации за инциденти во текот на новогодишната ноќ во Париз и во другите француски градови, освен во Вилне сан Жорж во парискиот регион, каде четрири полицајци се повредени откако нивниот автомобил се првртел во обид да престигне и запре едно сомнително возило.