Нови 13 возила за домашна посета и патронажа во Здравствениот дом – Скопје

Нови 13 возила кои ќе служат да се подобри службата за домашна посета и патронажа од денеска се ставени во функција во Здравствениот дом – Скопје.

Како што порача министерот за здравство Венко Филипче, кој денеска заедно со директорите на Здравствениот дом Виктор Исјановски и Бесим Кока ги промовираше новите возила, со ова полека се заокружува процесот на доекипирање на возила и на зајакнување во смисла на инфраструктура.

– Во текот на минатата година најпрво набавивме 12 нови амбулантни возила од кои шест дојдоа тука. Практично, во тој период на постојните шест, сега осум, затоа што уште некои возила се сервисираа, се дуплираше капацитетот за итна медицинска помош. Сега овие нови возила за еден друг сегмент, за патронажната служба и за домашната посета и дополнителната бројка на возила која ќе стигне во следниот период, со онаа заштеда од претходната набавка уште дополнителни седум од кои две или три повторно ќе дојдат во Здравствениот дом во Скопје, а другите ќе бидат дистрибуирани ширум државата, рече Филипче.

Тој информира дека веќе е заокружен и процесот на донација на 63 болнички амбулантни возила од Кина, кои исто така соодветно ќе бидат дистрибуирани ширум државата.

– Со тоа верувам дека дефинитивно ќе се задоволи потребата од соодветен број возила, соодветно опремени за оваа служба за итна медицинска помош конечно да функционира така како што треба. Значајно се зголеми бројот на лекари во текот на 2019 година. Примени беа вкупно 40 лекари и 15 медицински сестри, од тие 40 – 27 работат во службата за итна медицинска помош и сега тој број е 55. Уште дополнителен број на 40 сестри примени на стажот од шест месеци кои ќе продолжат да го извршуваат и оваа година со обезбедени финансиски средства, а трае и една година, потенцира Филипче.

Тој истакна дека нема повеќе недостаток на возила и на кадар и оти со иста тенденција ќе продолжат и понатаму. За следниот период најави отворање на уште два нови пункта во Драчево и во Ченто, кои сега се затворени поради недостаток и на возила и на кадар. Во периодот кој следи, информира Филипче, после дистрибуција и на возилата што ќе бидат донирани од Кина ќе следат и други пунктови во деловите на Петровец и на Чучер Сандево.

Филипче вели дека сега се завршуваат процесите со возилата и со кадарот и очекува во следните два до три месеци да бидат отворени овие два пункта. Другите два пункта во делот на Петровец и Чучер Сандево очекува да се отворат до крајот на годината.

Директорот на Здравствениот дом во Скопје Виктор Исјановски рече дека со поддршка на општина Гази Баба и градоначалникот Борис Георгиевски, Итната медицинска помош доби донација две специјални возила за медицински потреби од страна на Чешка како давател на донацијата.

– Извршивме набавка и на 10 фрижидери со сопствени средства за здравствениот дом. Покрај ова, следејќи ги стандардите за квалитетна здравствена заштита, во интерес на долгогодишната соработка и грижа за пациентите во делот на превентивната здравствена заштита, добивме донација од Ново Нордиск-Фарм – шест големи фрижидери за непречено соодветно чување на вакцините и инсулините во температурен режим. Од голема важност е континуирано да инвестираме во нова и современа технологија, истакна Исјановски.

Прашан во однос на тоа дали се откажале од проектот јавно-приватно партнерство со најавените нови планови за брза помош министерот Филипче смета дека сега не е период во кој треба да се прават такви значајни суштински промени, затоа што, како што рече, тоа е еден комплексен процес во кој треба да учествуваат повеќе фактори и претставници од Министерството за финансии, економија, експерти…

– Тоа се процеси кои искрено верувам дека треба да се разгледаат дали и во кој сегмент во нашето здравство треба да се имплементираат. Мора да потсетам дека имаме здравствен систем во кој тој систем на приод на јавно партнерство и концесионерство одлично фуннкционира години наназад во сферата на примарното здравство, понатаму во некоја форма и во аптеките. Верувам студиите ќе покажат кој е следниот чекор, рече Филипче.

На новинарско прашање зошто не е променета состојабата во однос на проблемите на инфективната клиника каде нема топла вода, Филипче соопшти дека има план кој ќе почне за скоро време, да се обезбедат панели за греење на Клиниката, и додаде дека тоа е еден систем за енергетска ефикасност што сакаатме да го имплементираатме во повеќе болници каде што навистина е потребно.

Во однос на постапката за гасификација во гинекологијата во Чаир тој рече дека административните процедури, во однос на проектирањето, на ревизијата на проектот во однос на добивањето на дозволи па воведувањето во работа биле навистина долги и верува дека економскиот оператор за рекордно време ќе го заврши тој процес. Додаде дкеа од технички аспект ќе се обезбеди целосна гасификација на болницата.