![еиб](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2019/07/eib.jpg?resize=640%2C426&ssl=1)
Втората транша поволни кредити за мали и за средни претпријатија од Европската инвестициска банка (ЕИБ), во износ од 16 милиони евра, ќе пристигне на почетокот на следната недела. Со овие средства ќе се поддржат проекти на 53 мали и средни фирми. Ова беше истакнато денеска на средбата помеѓу заменик министерката за финансии Ширет Елези и в.д. главниот оперативен директор на Развојната банка на Македонија, Вељанд Рамадани.
Со првите две транши ќе бидат повлечени вкупно 31 милион евра за поддршка на 92 мали и средни претпријатија. Развојната банка работи и на подготовка за повлекување нова трета транша во износ од околу 9 милиони евра за поддршка на нови 20 мали и средни претпријатија.
„Малите и средните претпријатија се основата на економијата и се креатори на најголемиот број работни места, учествуваат во креирање на над половина од БДП и претставуваат 99 отсто од вкупниот број претпријатија во нашето стопанство. За жал, пристапот до капитал кај нив е многу потежок во однос на големите компании. За таа цел, Владата преку поволните кредити, преку Развојната банка, но и преку низа други мерки, дава поддршка на овој сектор“, рече заменик министерката за финансии Елези.
Од Министерството за финансии наведуваат дека условите под кои може да се користат средствата од кредитната линија на ЕИБ се исклучително поволни, каматна стапка од 3,2 отсто и рок на отплата до 12 години за инвестиции и приоритетни проекти, и до три години за обртни средства. Поддржани дејности со петтата кредитна линија ЕИБ за двете транши се производство, трговија, градежништво, транспорт, здравство и образование, хотели и ресторани и останати дејности.
Вкупната вредност на кредитна линија од ЕИБ изнесува 100 милиони евра и договорот за користење на истата беше потпишан лани во септември. Досега преку Развојната банка се реализирани 4 кредитни линии во вкупна вредност од 350 милиони евра.