Јавниот долг ќе достигне вртоглави 9 милијарди евра, односно Владата планира да ги задолжи граѓаните за нови дополнителни 2 милијарди евра. Ова значи дека секој граѓанин во земјава ќе должи по 4.500 евра. Ова е проекција за јавниот долг на среден рок, односно за следните четири години, наведена во Стратегијата за управување со јавниот долг на Министерството за финансии.
Согласно Стратегијата за јавен долг 2022-2026, Владата не планира да го намалува јавниот долг како номинален износ. Согласно графикон 2 од Стратегијата, истиот ќе расте секоја година по половина милијарди евра и ќе достигне и задржи ниво од 9 милијарди евра.
Покрај борчење кај банките, фондовите и меѓународните кредитори, во стратегијата, Министерството за финансии смислило и нови начини на задолжување преку издавање на обврзници на домашното население и фирмите, таканаречени „зелени“ и „развојни“ обврзници.
Согласно Стратегијата за јавен долг, Министерството за финансии проектира раст на долгот како процент на БДП на близу 64% во 2021 година, близу 65.9% во 2022, 65,2% во 2023, 62,5% во 2024 година, 60,1% во 2025 и 57,7% во 2026 година. Сепак, ова е оптимистичко сценарио, кое Министерството го има правено врз претпоставка дека економијата ќе расте со стапки 4,1% во 2021, 4,6% во 2022 година, 5,2% во 2023 година, 5,6% во 2024, 5,9% во 2025 година и 5,7% во 2026 година, согласно Фискалната стратегија 2022-2026.
Проекциите за раст на македонската економија од страна на Меѓународниот монетарен фонд, сепак, не соодвествуваат со оние на Министерството за финансии. Напротив, тие се доста пониски и се движат од 3,8% во 2021, 4% во 2022 до 3,5% во 2026 година.
Согласно ова, долгот како процент од БДП, при многу пониски остварувања на македонската економија, ќе биде мнпгу повисок од проектираните стапки на Министерството за финансии. Согласно остварувањата, истиот може да достигне стапки од 70 и 80 отсто од БДП.
Како што расте презадолженоста на земјата, така ќе се намалува капацитетот на економијата да ги сервисира своите долгови. Тоа ќе значи дека Владата ќе мора да ја зголеми приходната страна на буџетот преку воведување на нови давачки.
Владата веќе најави дека годинава ќе се воведе таканаречена „зелена“ или „еколошка“ такса за возилата во износ од 4 денари по литар гориво. Законот за новата такса беше доставен до Собранието, но сепак власта реши да го остави на чекање, додека не поминат локалните избори во октомври. Со оглед дека овие средства веќе се планирани во буџетот, можно е покачувањето по изборите да биде и повисоко од 4 денари по литар.
Министерот за финансии Бесими најави и зелени такси за фирмите, кои ќе почнат да функционираат од следната година.
Исто така, преку зголемувањето на стапката на данокот на имот за поседување на дополнителен имот покрај живеалиште, се смета да се соберат дополнителни средства.
Како што најавија од Владата, се уште стои и опцијата за воведување на прогресивно оданочување, односно прогресивна стапка на персоналниот данок на доход, а исто така се зборуваше и за покачување на стапката на данокот на добивка.