Државниот завод за статистика ги објави статистичките податоци за пазарот на трудот. Оваа година во третото тримесечје бројот на вработени во однос на претходната година истото тримесечје е зголемен, а бројот на невработени е намален.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во третото тримесечје од 2013 година активното население во Република Македонија брои 957 417 лица од кои вработени се 682 448, а 274 969 лица се невработени. Стапката на активност во овој период е 57.3, стапката на вработеност 40.8, додека стапката на невработеност e 28.7.
Истото тримесечје во 2012 година активното население во Република Македонија изнесува 940 657 лица, од кои вработени се 652 498 или 69.4% а 288 159 лица или 30.6 % се невработени. Стапката на активност во овој период е 56.3 , стапката на вработеност 39.1, додека стапката на невработеност 30.6.
Споредено во однос на минатата година, вработени се нови 29 950 лица со што стапката на вработеност од 39.1 се зголеми на 40.8, а невработеноста е намалена за 13 190 лица со што стапката на невработеност од 30.6 минатата година, се намали на 28.7.
Од секторите најмногу вработени има во преработувачката индустрија дури 134 339 дури 11 837 лица повеќе во однос на претходната година, потоа во секторот за земјоделство, шумарство и рибарство, вкупно 127 747 или 18 574 повеќе вработени во однос на претходната година, со што уште еднаш дојдоа до израз политиките за земјоделието водени од ресорните министерства, 93 645 лица егзистираат од трговијата на големо и мало.
Секторот градежништво, кој инаку важи за моторот на економијата во нашата држава, вработува 47 033 лица во делот нискоградба, изградба на згради и специјализирана градежна дејност.
Трендот на намалување на невработеноста и зголемување на вработеноста е активен во последните години, а се јавува како резултат на стабилната макроекономска политика и влегувањето на странски гринфилд инвестиции на територијата на целата држава.