Откако Србија вчера на земјава и ги испорача првите 20.000 вакцини „Спутник V“ од втората донација, во наредниот период се очекува да пристигне и останатата договорена количина од уште 20.000 „Спутник V“. Но, како што најави премиерот Зоран Заев, државата ќе набави и 500.000 „Синовак“.
Во текот на овој месец, рече Заев, од ЕУ треба да стигнат првите 20.000 – 25.000 вакцини од вкупно 100.000, сите 200.000 кинески вакцини, следните количини „Спутник“, како и вакцините „Фајзер“ од кои имаме нарачано 800.000. Со набавката на 500.000 „Синовак“, ќе се заокружи бројката од 2,6 милиони вакцини за 1,3 милиони граѓани.
Масовна имунизација е предвидено да се врши во салата „Борис Трајковски“ каде дневно ќе се вакцинираат по околу 5.000 граѓани. Според министерот за здравство Венко Филипче, подготвени се вкупно 48 позиции за истовремено вакцинирање, а согласно планот, ќе се работи во две смени, од 8 до 20 часот.
За имунизација се подготвуваат и други објекти со цел одвивање на процесот без прекин.
Пред да дојдат на вакцинација, граѓаните можат да пополнат Согласност за вакцинација за да се избегне метеж на пунктовите, нагласи Филипче и оцени дека вакцинацијата што почна завчера ширум државата се одвива одлично.
Последниот ковид биланс, пак, е нови 1.402 случаи, оздравени 761 пациент и починати 29 лица, сите во болнички услови. Вкупната бројка на дијагностицирани до вчера беше 131.424, а направени се 3.978 тестирања.
Во ковид центрите има околу 260 празни болнички кревети.