Нови протести на опозицијата во Каракас

Лидерот на венецуелската опозиција Хуан Гуаидо ги предводеше своите приврзаници во протестен марш во Каракас, со цел да да го заземат објектот на националното собрание каде контролата ја имаат провладини пратеници.

Маршот го попречија безбедносните сили и приврзаниците на претседателот Николас Мадуро. Гуаидо со илјадници приврзаници мина низ населбите во Каракас кои се наклонети на опозицијата, но полицијата го запре нивното движење.  Демонстрантите, кои бараат избори заради смена на Мадуро, беа запрени откако полицијата испука солзавец кон нив, и тоа откако Гуаидо се обиде да преговара со полицајците.

– Оваа единица денеска не ја претставува Венецуела, таа ја претставува диктатурата, рече Гуаидо, покажувајќи кон првата линија на интервентната полиција која со штитови го блокираше патот на демонстрантите.