Нови протести во Црна Гора против верскиот закон

Во неколку градови на Црна Гора и синоќа продолжија протестите против усвојувањето на нацрт-законот за слобода на вероисповеста, јавија црногорските медиуми.

Во Подгорица литијата низ улиците ја водеше митрополитот црногорско-приморски Амфилохије.

По молебенот, литијата тргна низ улиците на Подгорица во 19 часот од Соборниот храм до црквата Свети Макавеј во Толоши и се врати во храмот, пренесува РТЦГ.

Митрополитот Амфилохије се обрати на верниците со порака дека ништо не може да се изгради на основа на беззаконие и дека храмовите се божја сопственост.

Во Беране неколку илјади граѓани, меѓу кои и градоначалникот Драгослав Шчекиќ и голем број локални функционери, се собрале пред општинската зграда, извикувајќи „Не го даваме тоа што ни е свето“.

Синоќа протестираа и голем број жители на Жабјак и Бјело Поле.

Протоереј ставрофор Милан Станишиќ ги повика верниците да бидат достоинствени во протестите против донесување на законот за вероисповест, да ги слушаат своите епископи и митрополити и да го прават тоа што тие го благословуваат.