Новиот формат на Дејвис купот, кој го воведува група инвеститори на чело со фудбалерот на „Барселона“, Жерар Пике веќе сега се соочува со сериозен отпор од најдобрите тенисери, а Ѓоковиќ, Федерер и Зверев веќе најавија дека нема да играат.
Она што е најспорно се термините на новиот формат на Дејвис купот, кој би се играл како завршен турнир од 10 дена на крајот на ноември. Тогаш најдобрите тенисери ја завршуваат АТП сезоната и дефинитивно им е поважно да го искористат тој период за одмор отколку да играат на ова натпреварување. Она што, исто така, не оди во прилог на новиот Дејвис куп е натпреварувањето што АТП ќе го покрене во 2020 година- Светското првенство.
Помеѓу двата, ќе дадеме приоритет на СП за тимовите, бидејќи тоа е натпревар на АТП. Мислам дека термините во Дејвис купот се многу лоши, особено за најдобрите играчи, изјави Србинот, Новак Ѓоковиќ.
Роже Федерер е малку поблаг во неговите изјави, но тој исто така нема да игра на Дејвис купот.
Го нема повеќе Дејвис купот каков што го познававме, но и на овој новиот треба да му се даде шанса. Им посакувам успех и се надевам дека навивачите ќе уживаат во него. Тоа не е натпреварување за мене, туку за некои нови генерации. Јас не разговарав со Вавринка, но искрено се сомневам дека и тој ќе игра и таму, рече Швајцарецот.
Ниту Германецот, Александар Зверев не остава најмала шанса да игра во „натпреварувањето на Пике“.
Не ми паѓа на ум да играм тенис на крајот од ноември. А мислам дека тоа ќе го кажат и останатите играчи од тенискиот врв. Имаме само два и пол месеци одмор и би било лудо десетина дена да потрошиме во ноември на ова натпреварување. Јас гарантирам дека истото ќе го кажат многу други тенисери.