Новиот Деловник води кон дводомен парламент, обвини Левица

Партијата Левица обвини дека новиот Деловник на Собранието кој беше изгласан може да води до дводомен парламент бидејќи истиот ја легализира двојазичноста во парламентот. Партијата денеска соопшти:

„Крајно штетниот Деловник, кој го изгласа здружената коалиција на СДС-ДУИ-ДПМНЕ, освен што ќе нанесе долгорочни последици врз демократските процеси (каде се лимитира учеството на опозицијата и се прошируваат ингиренциите на Спикерот) – истиот ја легализира неуставната и насилнички воведена двојазичност на Собранието!

Како што во минатото многу пати алармираа пратениците на Левица, нелегитимно избраниот спикер Џафери воведе неуставна пракса во Собранието, каде сите пратеници добиваат двојазични материјали. Ова насилничко однесување се коси со амандманот V од Уставот на Република Македонија и ваквата опасна иредентистичка тенденција води кон дводомен Парламент, со кој целосно ќе се сруши суверенитетот на Републиката!

Дури и пратеничката Гордана Силјаноска – Давкова алармираше дека воведувањето на двојазичност во Собранието е неуставно и најверојатно поради тоа, единствено таа не гласаше за новиот Деловник. Колаборативното однесување на ДПМНЕ во ваквите погубни антимакедонски процеси воопшто не изненадува, со оглед на фактот што истите ја одобрија неуставната двојазичност на униформите, а единствено Левица ги оспори пред Уставниот суд.

Манипулативното и лицемерно однесување на лажната опозиција, која кокетира со великоалбанските идеи, повторно дојде до израз. Иако ДПМНЕ во минатото тврдеа дека т.н. Закон за двојазичност е неуставен и истиот носи ризици кои можат да предизвикаат далекусежни последици, тие повторно ретерираа од своите позиции и беа учесници во уште едно национално предавство“, се вели во соопштението на Левица.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.