Новиот предлог-закон за високо образование доставен до ректорите на универзитетите

Ректорите на универзитетите од Македонија на потпишувањето на Декларацијата за „Универзитети без корупција“ во понеделникот го добиле новиот предлог-закон за високо образование, рече министерката за образование Рената Дескоска.

Истакна дека предлог-законот ќе биде објавен и на ЕНЕР, а со тоа ставен на јавна дебата за сугестии за негово подобрување.

„Во предлог-законот предвидени се повеќе механизми за борба против корупцијата, како што се транспарентност на носење одлуки во универзитетите, деконцентрација на моќта, учество на студентите во одлучувањето, механизми за департизирање на одредени постапки кои се спроведуваат“, информираше Дескоска.

Додаде дека предвидено е и избирање на овластено лице за прием на пријави за корупција каде што тоа ќе се врши анонимно. Тоа лице ќе го избира Сенатот на период од две години и истото ќе го информира Сенатот за својата работа.