ВМРО-ДПМНЕ е најпрогресивната и најдемократската политичка партија во Македонија, ВМРО-ДПМНЕ со одлуки на највисоките тела, на Извршниот и на Централниот комитет, се определи за измени на партискиот Статут со што се воведува најголем степен на демократија во носењето на партиските одлуки, ова денеска преку прес-конференција го истакна Ружица Николовска од ВМРО-ДПМНЕ.
-ВМРО-ДПМНЕ се определи за Статутот следејќи ги современите искуства на големите европски десничарски партии, со што партијата огромни надлежности се пренесуваат на членството и на органите на партијата. Работата на партијата и нејзините органи и тела е јавна и транспарентна, во духот на внатрепартиската демократија. Новите измени се револуционерни во насока на поголема демократија во водењето на партијата, повеќе право на одлучување на комитетите и членовите во водењето на политика. ВМРО-ДПМНЕ се одлучи за непосреден избор на претседател и раководство на Општинските Комитети директно од членството, понатаму демократски избор на идни државни функционери, кандидати за градоначалници. Во насока на прогресивност и демократизација, се воведуваат нови органи и тела партијата, Унија на ветерани, како и форум на интелектуалци, а се ограничува и правото на реизбор на претседател на партијата и на други функционери. „ВМРО-ДПМНЕ е народна, државотворна, демократска партија со конзервативна идеологија, која што ги застапува и штити македонските национални интереси, негува европски демохристијански традиции и промовира универзални хуманистички вредности, вели Николовска.
Таа додава дека ВМРО-ДПМНЕ ги прифаќа и споделува принципите, вредносните определби и практики на Европската народна партија.“
-Целите и задачите на ВМРО-ДПМНЕ дефинирани со овој Статут, ја продолжуваат заложбата на нашата државотворна партија за независна, суверена, самостојна, граѓанска, демократска држава која почитувајќи сите вака поставени цели и задачи ќе овозможи подобар живот на македонскиот народ и заедниците во рамки на една унитарна држава која се стреми да стане членка на Европската унија. Во овој статут се потенцира важноста на рамномерната застапеност на жените и мажите во рамки на органите и телата на партијата, како и воедно застапеноста на младите во внатрепартиските структури. Со новиот Статут на ВМРО-ДПМНЕ се овозможува примена на начелото на непосредна демократија при носењето на партиски став. Се воведува нова партиска функција Претседавач на Централниот Комитет. Чекор напред во непосредно демократско одлучување за избор на кандидати за советници во локалната самоуправа, е тоа што сега нив директно ќе ги бира Собранието на општинскиот комитет. На овој начин ќе се избираат и новите кандидати за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ. Се ограничува мандатот на Претседателот на партијата, Претседателите на Општинските Комитети, како и на претседателите и членовите на сите органи и тела кои се бираат на Конгрес, во новиот Статут им го ограничува нивниот мандат на 4 години, при што максимум на истата функција, еден од овие функционери може да се задржи најмногу три мандати и тоа под услов да третиот мандат е избран од страна на партиските органи и тела со 2/3 мнозинство. Исто така со овој Статут, мандатот на сите останати партиски функционери во сите органи и тела на партијата се ограничува на 2 години. Новиот Статут на партијата не предвидува почесни членови и почесни претседатели на ВМРО-ДПМНЕ, додава Николовска.
Таа додава дека ВМРО-ДПМНЕ продолжува по патот да биде најпрогресивната и најдемократската политичка партија во Македонија, партија која што ги носи во Македонија искуствата и степенот на демократија од Европските народни партии. ВМРО-ДПМНЕ со вакви значајни измени на својот Статут, ги јакне демократските капацитети на една десничарска партија, а овозможува и јакнење на капацитетите и демократијата во Република Македонија.