Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов денеска ја отвори првата јавна дебата за предлог – законот за забрана и спречување на нерегистрирана дејност, која се одржа во просториите на Сојузот на синдикати на Македонија во Скопје.
Спасов истакна дека со овој закон ќе бидат унапредени правата на работниците, а ќе се спречи и сивата економија.
-Целта на овој закон е да се регулираат нерегулираните дејности во земјава. Не смееме да дозволиме со недоречености во повеќе закони да се провлекува сивата економија, рече Спасов.
Исто така се очекува со регулирањето на нерегистрираните дејности од поголем обем да се унапредат работничките права, работниците кои работат кај нерегистрирани правни лица, не им тече стаж и не се вклучени во системот на социјално здравствено осигурување.
Со спречување на нерегистрираните дејности ќе се сузбие нелојалната конкуренција, а ќе се зголеми и наплатата на даноци кон државата.
Законот ќе ги заштити и потрошувачите. Секој понудувач на услуга ќе се лиценцира и гарантира за извршената услуга на потрошувачите, нелиценцираните немаат таква обврска.
Министерот Спасов истакна дека со самиот овој закон има повеќе исклучоци , меѓу кои се пазарџиите, работата за сопствени потреби, соседската помош, семејната помош, работата во итни и вонредни ситуации, нередовната работа, како и работата и услугите во домаќинствата. Тој потенцира дека целта на овој закон е спречување на нерегистрираната дејност на поголемите бизниси.
Спасов додаде дека за овој предлог-закон изминатиот месец се правеле опсежни анализи и посочи дека слични вакви закони неодамна се донесени и во Хрватска и Словенија.