Британскиот премиер Борис Џонсон ќе се соочи во средата со ново искушение пред британските парламентарци кои сакаат да го спречат излегувањето на Обединетото Кралство од Европската унија без договор, што би можело да заврши и со предвремени парламентарни избори.
Во вторникот опозициските парламентарци и побунетите конзервативци, во првата фаза од обидот да го спречат брегзитот без договор, го поддржаа предлогот кој им овозможува да ја преземат контролата над парламентарната агенда, што инаку е задача на владата. Благодарејќи на прифаќањето на овој предлог, противниците на премиерот Борис Џонсон ќе можат во средата да го претстават нацрт-законот кој би го обврзал премиерот да побара од ЕУ ново одложување на брегзитот до 31-ви јануари 2020 година, доколку не дојде до никаков договор за излегувањето следните седмици. Долниот дом за ова би требало да гласа во средата навечер.
За предлогот кој ги поднесоа опозициските партии и побунетите „ториевци“, предупредени дека ќе бидат исклучени од партијата доколку не ја поддржат владата, гласаа 328 пратеници, а 301 беа против. Дури 21 конзервативец, меѓу кои и неколку министри од поранешната влада, им се приклучија на опозициските партии, по што беа исклучени од владејачката Конзервативна партија. Меѓу нив се и Николас Сомес, внук на британскиот премиер од Втора светска војна, Винстон Черчил, и двајца поранешни министри за финансии, Филип Хамонд и Кенет Кларк.
Весникот Times во средата пишува дека „премиерот го загубил историското гласање“, додека Daily Express изразува жалење поради тоа што британскиот парламент „капитулирал пред ЕУ“. Повеќето колумнисти на британските весници во средата во своите написи се согласни дека Џонсон ја „загубил контролата“.
Меѓутоа, премиерот кој е решителен Велика Британија да ја напушти Европската унија на 31-ви октомври, со или без договор, подготвува противнапад. По гласањето во вторникот, Борис Џонсон рече дека ќе се заложи за предвремени избори. Доколку пратениците кои се противат на брегзитот без договор успеат да го наметнат одложувањето на раздружувањето со ЕУ, владата на Џонсон ќе му претстави на парламентот предлог за распишување предвремени избори. За прифаќање на овој предлог неопходна е поддршката од две третини од пратениците.
„Не сакам избори, но доколку пратениците утре гласаат за запирање на преговорите и наметнат уште едно бесмислено одложување на брегзитот, кое ќе трае потенцијално со години, тогаш тоа би бил единствениот начин ова да биде разрешено“, рече Џонсон во парламентот по гласањето.
Британската влада соопшти дека сака овие избори да се спроведат кон средината на октомври, во секој случај пред самитот на ЕУ предвиден за 17-ти и 18-ти октомври во Брисел. Меѓутоа, се стравува дека Џонсон би можел во последен момент да го промени датумот и да ги помести изборите по 31-ви октомври, датумот предвиден за брегзитот, и така да ја спроведе својата идеја.
Опозициската Лабуристичка партија не верува дека Џонсон ќе ги спроведе изборите на 15-ти октомври, рече нејзиниот портпарол Кир Стармер. „Кога Џонсон вели 15-ти октомври, можам да ви кажам дека ниедна опозициска партија, како ниту некои ‘ториевци’, не му веруваат“, рече портпаролот за BBC.
Противниците на брегзитот без договор тврдат дена ништо не може да го оправда ваквото излегување од ЕУ, коешто преку ноќ би ги прекинало економските врски со најголемиот британски извозен пазар и неминовно би довело до големи економски нарушувања. Повеќе од три години откако Обединетото Кралство на референдумот изглеса напуштање на Европската унија, спроведувањето на брегзитот останува нерешено, а можните исходи сѐ уште се движат од турбулентно излегување без договор до откажување од целата операцијата.