Дали ќе се чека нов парламентарен состав и нова Влада за евентуално да се коригираат функционерските плати? Тие минатата година беа покачени за дури 78 отсто.
Доколку тоа не се случи дотогаш, со новото покачување на платите, предвидено да се случи во март годинава, функционерите би добиле уште 400 евра плус.
И додека власта речиси секојдневно потсетува дека со покачувањата на платите годинава минималната плата ќе порасне на 22.500 денари, изостава да спомене дека таа ќе биде пониска од 400-те евра кои како покачување ќе ги надополнат функционерските плати.
Зголемувањето на платите доаѓа како резултат на растот на просечната плата во земјава.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак велат дека платите на работниците се зголемуваат многу бавно, наспроти енормното зголемување на трошоците за живот. Ја обвинува власта за погрешни економски политики и тврдат дека Македонија е последна во регионот по економски раст од 2017 година.
„Мене нема да ми следува бидејќи јас на 28 јануари ќе поднесам оставка, согласно одлуката за настапување на техничка влада. А во однос на избрани и именувани функцционери, градоначалници, судии, пратеници, обвинители, директори, 21 министер, за тоа има работна група која својот заклучок треба да го достави до Собранието и тоа да го даде последниот збор“, вели премиерот Димитар Ковачевски.
Европски сојуз за променa ИМ ПОРАЧАА – Малку им беше покачување на платите за 78 отсто, сега плус 400 евра а за граѓаните милостина.
„За функционерите малку беше покачување на платите за 78 отсто, сега плус 400 евра, а за граѓаните милостина од 2 илјади денари. Изнудувањето на народот во секоја можна форма е хронична болест на оваа власт. Без никаков срам ги лажат граѓаните и ги крадат. Сега кога се ближат изборите, власта почна предизборна кампања, манипулирајќи го народот со наводно антикризни мерки“, велат од Европскиот сојуз за промени.
Со одлука на Уставен суд функционерите од лани земаат повисоки плати за 78 проценти, наспроти нив голем број на синдикални работници излегоа на протести со барање и тие да добијат повисоки плати за 78 проценти.