Новозаразените во Њујорк главно се лица кои одат да пазарат

Гувернерот на американската сојузна држава Њујорк, Ендрју Куомо, изјави во саботата дека повеќето нови случаи на зараза со коронавирусот ги сочинуваат лица кои ги напушаат своите домови поради набавка на неопходните продукти, за вежбање или дружење, а не вработените во неопходните служби и услуги.

„Таквите лица се заразиле и отишле во болница или таквите лица се заразиле и ги заразиле домашните“, изјави на редовната дневна прес-конференција псоветена на ситуацијата со коронавирусот, њујоршкиот гувернер Ендрју Куомо.

Бројот на новите потврдени случаи на болеста Covid-19 во државата Њујорк во саботата изнесувал 2.419, а во петокот 2.762 лица.

Куомо минатата седмица ја изнесе теоријата дека новозаразените главно доаѓаат од групите вработени во основните служби кои продолжија со работата и во времето на епидемијата.

„Тоа беше погрешно. Стапката на заразените меѓу вработените на основните служби е пониска отколку во општата популација, а новите случаи главно доаѓат од лицата кои се дома и не работат“, се поправи во саботата Куомо.

На истата прес-конференција, Роберт Мухика, надлежен за буџетот на државата Њујорк, изјави дека фунционерите очекуваат да „дознаат многу повеќе“ за генезата на новите случаи од следењето на контактите следната седмица. Њујорк штотуку започан со следење на контактите што ќе вклучува неколку стотици луѓе, додаде.