Извршниот одбор на НСДП сооопшти дека одлучи да го прифати компромисниот предлог на француското претседателство за решавање на спорот со Република Бугарија и отпочнување на преговорите со Европската Унија ставајќи го во преден план, како што е наведено, државниот интерес во преден план и имајќи ги предвид „политичкиот моментум во кој се наоѓа земјата исправена пред стратегиски предизвици од кои зависи иднината и правецот во кој ќе се движи државата“
Овој компромисен предлог е во рамките на Договорот за пријателство, добрососедство, и соработка помеѓу Република Македонија и Република Бугарија од август 2017 година и Резолуцијата за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции од јули 2021 година, нагласува НСДП и смета дека:
„Со овој предлог македонскиот јазик како најбитен идентитетски белег станува рамноправен јазик во Европската Унија и целокупната правна документација на Европската Унија ќе биде преведена на кодифицираниот македонски јазик, a македонскиот јазик ќе биде еден од службените јазици на Европската Унија“.
НСДП наведува дека при градењето на ставот особено бил почитуван ставот на научната и стручна јавност, како на Советот за македонски јазик (СМЈ), кој го донел следниот заклучок: „Точките поврзани со статусот на македонскиот јазик покажуваат дека самостојноста и оригиналноста на македонскиот јазик се испочитувани и дека македонскиот јазик станува еден од официјалните јазици во Европската Унија“.
Утврдувањето на конечниот став по финалниот француски предлог за решавање на спорот со Република Бугарија, НСДП нагласува дека студиозно и аналитично го разгледа и донесе одлука во интерес на иднината, во интерес на демократскиот и економски развој на државата, во интерес на меѓународното етаблирање и геостратешко позиционирање на државата.
„Затоа повторно ги повикуваме на државничко однсување сите политички и општествени чинители кои треба да се изјаснат по овој предлог. НСДП бара Владата на Република Северна Македонија храбро да истапи и да го прифати предлогот на француското претседателство со Европската Унија и истиот да го достави на разгледување во Собранието на Република Северна Македонија заради негово потврдување и донесување на обврзувачки заклучоци за неговата имплементација која мора да биде во рамките на Резолуцијата донесена во јули 2021 година“, пишува во соопштението.