Комисијата за заразни болести да препорача целосно затворање на сите угостителски објекти до крајот на зимата и со тоа да им помогне да ја оттргнат дамката од угостителската индустрија, да покажат и докажат дека тие ни оддалеку не се последните одговорни жаришта за несразмерно зголемените бројки на заболени од ковид-19, апелира Независната угостителска комора (НУК).
НУК предупредува дека угостителската индустрија ќе колабира ако Владата, без да обезбеди безусловна директна финансиска поддршка, ја прифати мерката најавена од Комисијата за затворање на некои економски оператори.
– За да ѝ ја олесниме работата на Комисијата за заразни болести, ако досега не сфати и не научи дека угостителите се најмалку одговорни за зголемениот број заболени од ковид-19, ѝ препорачуваме и ја поддржуваме да не дава повторно препораки за цепкање на работното време или нови крпеници кон постојните протоколи, туку да даде препорака за целосно безусловно затворање на сите угостителски објекти, не само на една недела, две или месец дена, до крајот на оваа зима, како би можеле навреме да донесеме одлуки вработените да ги пратиме на зимски одмор, а ние угостителските објекти да ги конзервираме до доаѓањето на пролетта – наведува претседателот на НУК, Здравко Јосифовски во денешното соопштение.
Според него, додека бројките на заболени по донесувањето на последните ограничувања на работа на угостителските објекти расте експоненцијално, угостителската индустрија тоне во долгови, обврски, проблеми со извршители, добавувачи и драстичен недостиг на гости. Резултат на енормното смалување на посетата на угостителските објекти, оценува Јосифовски, е и негативната кампања со која Комисијата за заразни болести, Министерството за здравство и Владата придонесоа изминатиот период со изјавите дека најголемите жаришта на заболувања од ковид-19 потекнуваат од угостителските објекти.
– Утрово очекуваме Комисијата за заразни болести да ја препорача најавената мерка за целосно затворање на некои економски оператори со која, ако Владата ја прифати, а не реагира веднаш паралелно, со директна безусловна поддршка за угостителите, Комисијата директно ја праќа во кома целокупната угостителска индустрија. Со новата препорака на Комисијата очекуваме од Владата итно да донесе одлука со која неискористените средства од претходните сет мерки веднаш ќе се пренаменат за угостителската индустрија во нов безусловен сет финансиска поддршка на угостителите и целокупната угостителска индустрија – потенцира претседателот на НУК.
За респект е, велат од НУК, по сите препораки Комисијата за заразни болести и натаму да има стручно мислење дека зголемениот и континуиран број на новозаболени сѐ уште потекнуваат од угостителите и покрај последните мерки за ограничување на условите и времето на нивна работа кои се во сила повеќе од 40 дена.
– Со новата препорака за целосно затворање Комисијата може само да ни помогне да ја оттргнеме дамката од угостителската индустрија и да покажеме и докажеме дека последни одговорни жаришта за несразмерните бројки на зголемување на заболени од ковид-19 ни од далеку не се угостителските објекти за кои постојат и се почитуваат протоколите за работа. Очигледен е и фактот дека Комисијата за заразни болести ако ова не го направи денес и веднаш, ќе го направи во наредните денови со што сѐ повеќе станува реалност вистината дека декември, во кој традиционално угостителската индустрија ги остваруваше најголемите приходи, оваа година едноставно го нема – наведува Комората.