Кинескиот претседател Кси Џинпинг и јужнокорејскиот Мун Јае-ин се согласни околу фактот дека нуклеарното разоружување на Северна Кореја е „заедничка цел“, соопштија во четвртокот од кабинетот на новиот претседател на Јужна Кореја.
Односите меѓу Пекинг и Сеул станаа последните месеци многу напнати, поради распоредувањето на американскиот напреден антиракетен систем THAAD во Јужна Кореја.
Распоредувањето на овој систем според Сеул има цел да се спротистави на севернокорејската балистичка закана, меѓутоа Пекинг е против тоа, зашто тој ги доведува во прашање нејзините сопствени воени капацитети.
Кина презема низа мерки против јужнокорејските компании, што во Сеул го сметаат за акт на економска одмазда.
Во првиот телефонски разговор меѓу двајцата претседатели „се согласија околу фактот дека нуклеарното разоружување на Корејскиот полуостров е заедничка цел за двете земји“, изјавил за медиумните Јун Јоунг-чан, портпарол на јужнокорејскиот претседател кој беше именуван во средата.
Претседателот Мун, кој произлегува од Демократската партија од левиот центар, се очекува дека ќе ја прекине непопустливоста на конзервативката Парк Гуен-хај во врска со севернокорејското прашање. Тој во кампањата најави дека сака дијалог со Пјонгјанг, како и разговори со САД околу нивното воено присуство во Јужна Кореја.