ЈО да отвори истрага, Груби и Ковачевски промовираа надзор со цени и до 7 пати поскапи во споредба со други проекти

„ЈО да отвори истрага Груби и Ковачевски промовираа надзор со цени и до 7 пати поскапи во споредба со други проекти“, бара ВМРО-ДПМНЕ во денешното соопштение.

„Конзорциумот ИРД – ЕПТИСА – Електра Солушн – Евро Консалтинг за 4 лица за еден месец наплатил 900.000 евра, за составување на договорот со изведувачот на Коридорите 8 и 10Д. Четири лица ангажирани преку овој Конзорциум поединечно наплатиле по 225.000 евра за месец ефективна работа. Дополнително до крајот на проектот на истите 4 лица треба да им бидат префрлени уште по 75.000 евра по човек.

Цените кои се наведени за инженери и надзорници се и до 7 пати поголеми од тие кои се плаќани на други проекти. Најголемиот дел од парите ќе поминат преку Електра Солушн, фирма за производство на долна облека.

Оваа фирма, Електра Солушн, од вкупно 22 милиони евра ќе добие 8.3 милиони евра, а истата кога бил распишан јавниот повик за доставување на понуди за учество на тендерот воопшто немала ниту лиценца“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

ЈО мора да отвори постапка и да утврди како фирма која немала ниту лиценца и произведувала долна облека, нагласува ВМРО-ДПМНЕ, посочувајќи дека сега е главна фирма за надзор на проект тежок милијарди.

„ЈО мора да утврди која е вистината зад Електра Солушн. Премногу е бледа приказната дека странски фирми за надзор ја контактирале за тендерот, кога таа воопшто не е од областа.

Дополнително уште по симптоматично е како истата се поврзува со фирми со руски врски кои го добиле првиот тендер, од каде има преземено и работници.

ЈО не смее да молчи. Очекуваме отворање на постапка, се друго ќе значи соучесништво“, потенцираат од опозициската партија.