Надлежниот јавен обвинител веќе изврши распит на сите сведоци и на осомничените, а интегритетот на постапката е запазен и не постои опасност за негово компромитирање, велат од Основно јавно обвинителство Скопје во врска со замената на мерките на притвор со мерки за претпазливост за шест лица осомничени во случајот во М-НАВ.
Според ОЈО, осомничените веќе немаат можност да влијаат врз доказите или дејствијата кои ќе се преземаат во натамошниот тек на постапката.
– Од тие причини, а имајќи ја предвид и праксата на Судот во Стразбур, јавниот обвинител предложи замена на притворските со поблаги мерки на претпазливост, велат оттаму.
Од Основен кривичен суд Скопје денеска соопштија дека јавен обвинител од ОЈО Скопје до судии на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, денеска доставил предлози за укинување на мерките за обезбедување присуство, односно мерките притвор и куќен притвор, за шест лица осомничени за кривичното дело Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај од чл. 303 ст. 2 вв со чл. 22, а поврзани со случувањата од 4 јануари во М-НАВ, и определување на мерки за претпазливост
– Постапувајќи по предлогот на Јавниот обвинител, а ценејќи ги приложените факти, судиите на претходна постапка, го прифатија предлогот на Јавниот обвинител и донесоа решенија со кои за А.О., Р.Б. и Љ.Ќ. ја укинаа мерката куќен притвор, додека за С.Ш., О.А. и Е.С. ја укинаа мерката притвор и им определија мерки за претпазливост од чл. 146 ст.1 т.1,2.3 и 6 односно, Забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето, Одземање на патна исправа и забрана за издавање нова, Обврска обвинетиот да се јавува во судот и Забрана за приближување или воспоставување врска со одредени лица, се појаснува во соопштението од Основен кривичен суд Скопје.
Против овие решенија, се наведува во соопштението, странките имаат право на жалба до Кривичниот совет на овој суд.
Станува збор за шестмината осомничени за упадот во М-НАВ што случи на 4 јануари веднаш по прес-конференцијата на претседателот на Струковиот синдикат на контролори на летање, Александар Тасевски, на која тој информираше дека контролори на летање и нивни помошници во М-НАВ се очекува да почнат да поднесат оставки од раководните позиции, како поддршка на синдикалните активности и реакции за последниот оглас за вработувања во оваа институција.