Кабинетот на поранешниот претседател Иванов информира дека по 13-ти пат ќе се одржи традиционалната Школа за млади лидери на Претседателот Иванов.
Денес е објавен конкурсот за учество на Меѓународната обука за млади лидери на проф. д-р Ѓорге Иванов, Претседател на Република Македонија 2009-2019, која оваа година ќе биде на тема: „Морално лидерство“.
Меѓународната обука за млади лидери на проф. д-р Ѓорге Иванов традиционално се одржува од 2010 година. Во досегашните 12 обуки учествуваа околу 480 млади луѓе од целиот свет со различен академски и професионален фокус. Пред дванаесетте генерации учесници на Школата за млади лидери, предавања одржаа над 240 реномирани предавачи од Република Македонија, Европа и светот. Во 2018 година, Школата за млади лидери е прогласена за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година од страна на Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели.
Оваа година, Школата за млади лидери на претседателот Иванов ќе се организира комбинирано, онлајн и со физичко присуство, во периодот 16-30 септември 2022 година.
Програмата е намената за млади луѓе со завршено високо образование до 35 години, дипломирани студенти и професионалци со работно искуство. Се очекува учесниците да имаат желба континуирано да ги развиваат и усовршуваат нивните лидерски вештини и да придонесуваат за позитивен развој на општеството и околината во која живеат и работат.
Обуката опфаќа предавања од предавачи од земјата и од странство кои ќе споделат искуства и знаења кои би ги поттикнале учесниците да размислуваат аналитички и да креираат заеднички решенија за предизвиците со кои се соочуваат, како и интерактивно да се вклучат на предавањата кои ќе се одвиваат на македонски и англиски јазик.
Бројот на учесници е ограничен, а право на учество имаат сите млади кои ги исполнуваат условите наведени во конкурсот објавен на веб страната и на фејсбук страната на Школата за млади лидери на претседателот Иванов (https://youngleaders.com.mk/, https://www.facebook.com/IvanovSchoolForYoungLeaders), како и на веб страната и на фејсбук страната на поранешниот претседател Иванов (https://gjorgeivanov.mk/, https://www.facebook.com/exmacedonianpresident/).