Објавени добитниците на стипендии „Борис Трајковски“ за постдипломски студии за МБА-програмата

Министерството за образование и наука на својата веб-страница ги објави добитниците на стипендијата „Борис Трајковски“ за студии од втор циклус за Паневропската извршна МБА-програма на Универзитетот Јорк за академската 2022/2023 година. Доделени се пет целосни и 15 делумни стипендии за вонредни двегодишни постдипломски студии, кои се реализираат во Солун, со двојна диплома – од Универзитетот Јорк во Обединетото Кралство и Универзитетот во Стразбур во Франција.

Според Конкурсот кој беше објавен во септември, стипендии се доделуваат за насоките: Општ менаџмент; Маркетинг; Финансии; Менаџмент во логистика; Менаџмент во здравство и Менаџмент на човечки ресурси и можеа да се пријават стручни лица од различни профили и бизнис-менаџери вработени во компании од приватниот и од јавниот сектор.

Вкупната школарина за МБА-програмата е 14.890 евра по студент. На најдобрите пет кандидати (според критериумите наведени во Конкурсот и според ранг-листата изготвена од Комисијата за избор) 50 проценти од школарината ќе им биде покриена од Универзитетот (7.445 евра за студент) и 50 проценти од Владата на Република Северна Македонија. За останатите петнаесет кандидати, 50 проценти од школарината ќе биде покриена од Универзитетот (7.445 евра за студент), а останатите 50 проценти кандидатот ќе ги плаќа самиот, на рати во текот од две години (7.445 евра за студент).

По успешно завршување на дуалната МБА-програма, студентите ќе добијат две дипломи за извршни мастер студии по деловна администрација – од Универзитетот Јорк и од Универзитетот во Стразбур.