Американскиот претседател Барак Обама, се возел во лифт со вооружен човек, ангажиран врз основа на договор со една приватна безбедносна агенција, за кого се знае дека е обвинуван за насилство, пишува МИА.
Американските медиуми кои го означуваат случајот како уште еден тежок пропуст на Тајната служба на претседателот на САД, соопштуваат дека инцидентот се случил на 16 септември, кога претседателот Обама бил во посета на Центарот за контрола и заштита од заразните болести во Атланта, во сојузната држава Џорџија.
Случајот кој досега беше киен од јавноста, беше откриен по вчерашното сослушување на раководителите на Тајната служба, која се грижи за безбедноста на американските претседатели, што се одржа во американскиот Конгрес.
Седницата беше закажана по итна постапка, по тешкиот безбедносен пропуст,кога ветеранот од ирачката војна, Омар Гонзалес успеа да ја прескокне оградата од дворот на Белата куќа, да влезе во зградата и да дојде дури до Источната соба, од каде претседателот Обама обично и се обраќа на јавноста, пред да биде запрен од безбедбосната служба во резиденацијата на претседателот.
Источната соба која се користи и за службени приеми, се наоѓа во најстрого обезбедуваниот дел на Белата куќа, затоа што е само десетина метри одалечена од приватните простории на Обама и на неговото семејство. Тајната служба на САД, денеска, го потврди инцидентот во лифтот во Атланта, но одби да го коментира.
Тешкиот пропуст се однесува на прекршувањето на основното правило на Тајната служба, за тоа дека во близината на претседателот на САД, никој не смее да носи оружје, освен припадниците на неговото обезбедување.
Пиштолот кај човекот бил откриен, кога тој бил претресен при излегувањето од зградата. Отворена истрага, но веднаш по инцидентот, тој бил отпуштен од работа.
Американските медиуми пишуваат дека станува збор за човек кој на трипати досега бил обвинет за насилство и за тешко претепување.