Вицепремиерот Бујар Османи извести денес дека се обезбедени 25 респиратори со пари донирани од норвешката амбасада, кои сега се во депо во Турција и се бара начин како да се донесат во Македонија. Обезбедени се и 30 респираторни машини од Кина, а се купуваат од средства од ЕУ. И за нив се бара начин како да се транспортираат во Скопје.
Исто така се нарачани 200 респиратори од Кина, на што е одговорено позитивно, но мора да се чека тие да бидат произведени бидејќи побарувачката е голема и нема резерви.
Парите за респираторите се обезбедени од 4-те милиони евра помош што ЕУ и ги додели на Македонија деновиве.
Тој исто така извести дека ЕУ ќе пренамени 50 милиони евра за Македонија со цел со нив да се справи со социо-економските штети од епидемијата, како и 9 милиони евра за помош на малите и средни претпријатија и уште 3 милиони евра за поддршка на буџетот.