Основното јавно обвинителство Велес донесе Наредба за спроведување истражна постапка против лице на 60-годишна возраст од Богданци поради постоење на основано сомневање дека сторилo кривично дело – Убиство од член 123 став 2 точка 1 во врска со член 19 од Кривичниот законик.
Осомничениот на 11-ти октомври околу 20.30 часот, откако претходно се довел во состојба на пијанство во која бил под дејство на алкохол од 2,97 промили во крвта, со умисла се обидел да лиши од живот на свиреп начин едно лице.
-Жртвата дошла во куќата на осомничениот околу 16.00 часот и двајцата заедно консумирале алкохол. Околу 20.30 часот осомничениот го нападнал оштетениот со тупаница, удирајќи го во пределот на главата. Откако оштетениот паднал на земја, осомничениот зел дрвен стол и со истиот неколкупати го удрил оштетениот во пределот на главата, причинувајќи му интензивни болки и страдања, со што му нанесол тешки телесни повреди и го довел во животно загрозувачка состојба, информираат од Обвинителството.
Ценејќи дека се исполнети законските претпоставки, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка на Основен суд Велес поднесе Предлог за определување мерка притвор против осомничениот.