„Климатските промени и последиците од нив се фактори што влијаат на зголемување на несигурноста и во крајна линија директно се поврзани со безбедноста во поширокиот регион на ОБСЕ. Затоа е потребно да дадеме политичка поддршка на заложбите на ОБСЕ за нивно ублажување“.
Ова го истакна претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи, во воведното обраќање на првата ОБСЕ Конференција за климатски промени што денеска се одржува во Виена.
„Климатските промени не само што создаваат видлива штета врз животната средина, туку нивното сè повеќе видливо влијание се заканува и на стабилноста на нашите општества преку менување на севкупните услови за живот. Војните и конфликтите, руската воена агресија против Украина, дополнително ги влошуваат веќе сложените еколошки околности”, рече Османи на отворањето на Конференцијата.
Тој додаде дека, потврда дека и во овие тешки времиња ОБСЕ посветено работи на ублажување на негативните ефекти од климатските промени е и назначувањето на Специјален претставник за климатски промени во рамки на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ.
„Ваквиот нов пристап ќе обезбеди политичка поддршка на заложбите на ОБСЕ за ублажување на климатските промени и нивните последици. Уверен сум дека заедно можеме да успееме во вклучувањето на климатските активности во нашата секојдневна работа преку поттикнување на декарбонизација на нашите економии и градење поотпорни и климатски приспособливи општества”, рече Османи.
Потенцираше дека политичките определби мора да бидат поддржани со конкретна акција во сите димензии на ОБСЕ и од страна на сите земји-учеснички.
Во рамки на Конференцијата, Османи ќе учествува и на панелот „Премостување на националната и глобална акција –Регионална соработка за справување со климатските промени”.