Секретаријатот на ОБСЕ денеска ја пушти во употреба страницата www.stopvawnow.org, каде можат да се добијат информации за помош при насилство врз жената како поддршка на напорите за спречување и борба против него.
Страницата е достапна на шест јазици и е практична алатка за службени лица, органи за спроведување на законот, невладини организации и пошироката јавност во Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија и Србија, како и Молдавија и Украина.
Секретаријатот на ОБСЕ посочи дека веб-страницата е едноставна за користење и корисниците можат брзо да ги најдат потребните информации, упатства и клучни телефонски броеви релевантни за секоја земја.
Од Секретаријатот појаснија дека во делот „Ми треба помош“, жените жртви на насилство можат да најдат информации со кого да контактираат ако имаат потреба од поддршка, како што се телефонските броеви на локалните невладини организации и линијата за помош.
– Во делот „Сакам да помогнам“, ОБСЕ состави упатство со насоки за граѓаните да знаат што да преземат за да помогнат во разрешување на критични ситуации, за да обезбедат поддршка на жените, како и за подигање на свесноста. Делот „Сакам информации“ дава дополнителни детали за резултатите и препораките на Истражувањето за благосостојбата и безбедноста на жените предводено од ОБСЕ, што беа објавени на почетокот од годинава. Истражувањето открива дека 70 отсто од жените во Југоисточна и Источна Европа доживеале некаков вид насилство: сексуално, физичко, психолошко, демнење или сексуално вознемирување, но процентот на пријавување на инцидентите останува низок. Само 15 проценти од жените ги пријавиле во полиција случаите на сериозно насилство од страна на својот партнер, додадоа од Секретаријатот.
Серани Сигел, проектна менаџерка на истражувањето за благосостојбата и безбедноста на жените предводено од ОБСЕ, кое што покажува дека она што им е најмногу потребно на жените кои искусиле насилен инцидент е морална поддршка и некој со кого ќе разговараат за тоа, изјави дека истражувањето, исто така, ја истакнува важноста да се зборува за насилството и да им се обезбедат на жените ресурси за да го пријават насилството.
– Веб-страницата ќе помогне во овој поглед и ќе им овозможи на жените да најдат голем број на алтернативи за пријавување на насилство и да добијат поддршка, истакна Сигел.
Страницата е дизајнирана да служи како ресурс за владините функционери, органите на прогонот, НВО, академијата и медиумите подобро да ја разберат важноста на овој проблем и дава насоки за имплементирање на политики и практики. Преку обезбедување информации за овие прашања, страницата има за цел и да го спречи односот на обвинување на жртвите кои што придонесува и кон нивно замолчување.
Лансирањето на веб-страницата на 10 декември се совпаѓа со крајот на кампањата на ОБСЕ „Крај за молкот“, меѓународна кампања што опфати 16 денови активизам против родово-базираното насилство. Кампањата „Крај за молкот“ се фокусираше на менување на начинот на размислување и ставовите кај јавноста кои што придонесуваат кон родова нееднаквост, а со тоа и на насилството врз жените.
Кампањата вклучи многумина од регионот преку социјалните канали на ОБСЕ и беше забележана од 39.000 лица на Фејсбук, и регистрирани преку 57.000 импресии на Твитер и 16.000 на Инстаграм. Специјални дизајнираниот филтер на Инстаграм регистрираше 83.000 импресии за 16 дена. Кампањата доби широка поддршка и од медиумите и влијателните личности, со комбиниран дофат до преку 20 милиони лица.