Во рамките на проектот „Програма за (само)вработување на самохрани мајки“ започна спроведувањето на првиот циклус обуки за професионална комуникација, менаџмент, тимска работа, управување со луѓе, задачи и време, вештини за вработување и изработка на бизнис план.
Првата од циклусот обуки “Професионална комуникација и асертивност” започна вчера во Општина Центар, а на неа присуствуваат дваесет жени, самохрани мајки, со процент на жени жртви на семејно насилство.
Во рамките на проектната програма обезбедена е и просторија за престој на децата за кои се грижи професионален тим.
Цел на проектот е спроведување сеопфатен модел за поддршка на самохраните мајки (особено на жртвите на семејно насилство) за да им помогне во потрагата и искористувањето на можностите за постојано вработување и самовработување, во соработка со општините, одговорните институции и бизнис секторот, преку соодветни обуки и менторски процеси.
Проектот го спроведуваат организациите: Бизнис конфедерација на Македонија, Институт за менаџмент поддршка и Здружение на бизнис жени, финансиран преку ИПА 1 програмата, во текот на 2017 година, во повеќе фази во општините: Битола, Штип и Скопје (Општина Центар).