Обвининието против хрватските пилоти може да го блокира патот на Србија кон ЕУ

Хрватскиот министер за правда и администрација Иван Маленица изјави дека процесот што го иницираа српските власти против хрватските воени пилоти за злосторството извршено во близина на босански Петровац може да го блокира патот на Србија кон Европска Унија.

Маленица синоќа за телевизијата РТЛ изјави дека „што се однесува до правниот поредок и законодавството, Хрватска јасно тргнала кон ЕУ“ и додаде дека „се поставува прашањето што прави Србија во таа насока и дали навистина сака да и се приклучи на Унијата“.

– Ваквиот начин и ваквото законодавство во Србија, оваа квази-јурисдикција што се злоупотребува, не е еден од начините на кои треба да дејствува земја која претендира да влезе во ЕУ, истакна Маленица.

Тој го нарече судскиот процес против четворицата хрватски пилоти во Србија „политички исцениран обид што може да биде причина за блокирање на влезот на Србија во ЕУ“.

Тој изјави дека хрватската влада „ќе ги заштити сите свои граѓани, сите свои ветерани, генерали и, во конкретниот случај, пилоти“.

– Ќе ги искористиме сите правни средства што ни се на располагање доколку дојде тој момент. Во конкретниот случај за пилотите, Хрватска нема да дозволи распишување меѓународна потерница, посочи Маленица.

Претходно потпретседателот на Владата на Хрватска и министер за хрватски ветерани Томо Медвед изјави дека Србија со поднесување обвиненија се обидува да го промени карактерот на операцијата „Бура“ од август 1995 година и додаде дека „тоа нема да помине“.

Како и Маленица, и Медвед оцени дека станува збор за „политички мотивирани обвиненија“.