Обвинителен акт за разбојник од Лисиче

Скопското обвинителство по спроведена истражна постапка, поднесе обвинителен акт против 29-годишен скопјанец кој е обвинет за кривично дело разбојништво.

Во обвинителниот акт пишува дека тој на 16 ноември минатата година влегол во семејна куќа во населбата Лисиче преку незаклучена врата. Внатре ја затекнал оштетената на која и се заканил со нож и со зборовите „дај пари или ќе те убијам“.

Оштетената успеала да му ја оттргне капата со која му била покриена главата и да го види неговиот лик, по што обвинетиот го вперил сечивото од ножот кон нејзината слепоочница, а со дланката и ја покрил устата за да не може да повика помош. Нападнатата му покажала на паричникот на масата, по што тој и наредил да ги извади сите пари од паричникот, вкупно 600 денари во различни апоени. Откако ги одзел парите, обвинетиот повторно и се заканил да не повикува помош и се дал во бегство.