Специјалниот обвинител Џејк Смит предложи во четвртокот судењето на поранешниот американски претседател Доналд Трамп за наводен обид за поништување на резултатите избори во 2020-та за почне веднаш на почетокот од изборната 2024 година.
Судијката којашто ќе ја води расправата на сојузниот суд во Вашингтон, Тања Чуткан изјави дека распоредот за судењето ќе биде одреден на рочиштетот коешто го закажа за 28-ми август. На обвинителството му даде рок до 10-ти август а на одбраната до 17-ти август да ги подготват своите предлози.
Специјалниот обвинител Џејк Смит, кој ја надгледуваше истрагата во случајот, во својот поднесок упатен до судијката Чуткан во четвртокот го предложил распоредот за 2-ри јануари 2024-та, оценувајќи дека постапката „не би требало да трае повеќе од четири до шест седмици“… „делумно поради интересот на јавноста за брзо судење“, како што е објаснето од неговиот кабинет.
Споменатиот датум би довел до почетокот на судењето само две седмици пред првото гласање на предизборите за претседателската номинација на Републиканската партија за изорите во ноември 2024 година, трка во којашто Трамп е фаворит.
Кабинетот на специјалниот обвинител Смит во изјава за медиумите тврди дека „интересот е од особено значење тука, кога обвинетиот, поранешен претседател, е обвинет за заговор за поништување на легитимните резултати на претседателските избори во 2020-та, за попречување на потврдувањето на изборните резултати и за намалување на легитимитетот на гласовите на граѓаните“.
Еден од портпаролите на Трамп изјави дека специјалниот обвинител Смит и Министерството за правосудство „безобразно играат политички игри“, истакнувајќи дека Трамп според сите анкети во моментов е фаворит за претседателски кандидат и воопшто на изборите во 2024 година.
Покрај тоа, Доналд Трамп од мај 2024-та треба да се појави пред сојузниот суд во Флорида по обвинувањата дека наводно ја загрозил безбедноста на САД чувајќи доверливи документи по заминувањето од Белата куќа во јануари 2021 година, меѓу кои наводно и воени планови и инфорамции за нуклеарното оружје, на својот имот во Мар-а-Лаго, на Флорида.
Судењето во јануари би било Трамп трипати да се појави пред судовите во првата половина на 2024 година. Имено, во март истата година ќе се појави на суд поради обвиненијата на државата Њујорк дека фалсификувал документи во врска со договорни плаќања на порно ѕвезда.
Самиот Трамп на својата социјална мрежа Truth Social порача дека секое судење треба да се одржи по изборите во 2024-та. Според медиумите, таквата одлука потенцијално би му дало овластување да го прекине прогонот за него доколку повторно стане претседател.
„Такво судење …… треба да се случи само, ако воопшто се случи, ПО ИЗБОРИТЕ“, истакна Трамп во објавата во четвртокот.
Трамп минатата седмица се изјасни за невин по обвиненијата за наводниот заговор за влијаење и поништување на изборните резултати.
Канцеларијата на обвинителот Смит соопшти и дека е подготвена да му ги предаде на Трамп до крајот на август повеќето докази што има намера да ги користи на судење во процесот. Судијката Чуткан треба да одржи сослушување во петокот за тоа како Трамп и неговиот адвокатски тим може да постапуваат со тие докази.
Обвинителите, исто така, рекоа дека има „минимално“ количество доверливи информации вклучени во изборниот случај и побараа од Чуткан да се осврне на тоа прашање на претходно закажаното рочиште на 28-ми август.