Јавното обвинителство сè уште молчи кој и зошто ги прислушкувал обвинителите цели две години. Речиси четири месеци изминаа од објавувањето на скандалот во кој беше објавено дека обвинителството било прислушкувано од септември 2016-та година, а јавноста сè уште чека на одговорите кој и зошто прислушкувал.
Нејасно е зошто истрагата за прислушкувањето на обвинителите кое започнало од септември 2016-та година, откако Оливер Спасовски беше технички министер тапка в место и кој ја кочи целата работа. Во јавноста се појавија сериозни индиции дека можеби власта е таа која ја кочи целата работа со уцени и притисоци од снимените материјали.
Дури и обвинителот Сашо Рајчев потврди дека истрагата речиси и да не е започната. Тој на прашање за истрагата изјави дека најпрви се вештачат хард дисковите од обвинителството за организиран криминал и корупција за да се провери дали и таму било снимано, а дури потоа ќе се истражува Јавното обвинителство.
Сега вештакот е фокусиран на хард дисковите на организиран криминал, затоа што во ова зграда неспорно е дека имаме снимени разговори. Прво да го завршиме организиран криминал а потоа преминуваме на проверки за неовластеноста во снимањето и после евентуално во прислушкувањето доколку имаме пристап на тие разговори неовластено од надвор, изјави Рајчев.
Тој со оваа изјава практично и потврди дека воопшто не е ни започната истрагата за прислушувањето на обвинителството.
За притисоците и заканите од страна на власта кон судството и обвинителството предупредуваше и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, кој истакна дека власта прати порака дека судиите и обвинителите ги имаат во рака, со снимани разговори, уценети, им требаат покорни на политичките наредби, додека правдата се заобиколува затоа што од 2-ри септември 2016- та година министер за внатрешни работи е Оливер Спасовски од СДСМ, еден период како технички, а потоа како полнозначен министер во владата на Заев.
Ако имало прислушкување тоа е во целиот период додека овој човек е министер и во целиот мандат на оваа влада на Заев. Значи согласно засега достапните информации ова прислушкување се случувало во целиот период додека Заев е премиер, Спасовски министер, а Верушевски советник во Владата, истиот тој советник добро познат од аферата Големото уво и бомбите на Заев. И клучното прашање е кој располага сега со разговорите на обвинителството и судството, кој ги држи уценети, кое обвинителство сега ќе ги истражува разговорите за да утврди кој диктира обвиненија и суди неправда (секако не смее тоа да биде политизираното СЈО), какви разговори има и дали поради тие разговори премиерот Заев предвреме ги погодуваше точните пресуди и висини на казни. Дали поради тие разговори одредени судии се исплашени, па судат во неразумно време, се кршат процедури, закони, правила, дали поради тие разговори одредени обвинители го амнестираат вистинскиот криминал?, потенцираше Мицкоски.
Со одолговлевкувањето на истрагата и тоа што речиси 4 месеци ништо не е сработено за да се открие кој и со кои цели прислушкувал и што има на тие материјали сè повеќе се потврдуваат тезите на Мицкоски дека целиот случај е конструкција на власта која има за цел да ги држи судството и обвинителството како заложници за кога и да посака да може да ги користи во партиски цели.