Обвинителството оформи предмет за случајот во кој „Телеком“ треба да плати отштета од 4 милиони евра на човек-фирма

Основното јавно обвинителство Скопје оформи предмет за случајот за кој со пресуда на Апелација, „Македонски Телеком“ треба да плати отштета од 4 милиони евра на штипската човек-фирма „Фокуснет“.

„Врз основа на доставената информација од Министерството за транспорт, Основното јавно обвинителство Скопје оформи предмет. Предметот е распореден кај надлежен јавен обвинител“, информираа од Обвинителството.

Министерот за транспорт Александар Николовски пред извесно време побара од Обвинителството да го испита случајот, за кој пред еден месец Апелациониот суд пресудата ја преиначена од првостепената, во корист на фирмата.

Како што истакна Николоски, за него е сомнително што Апелација во ист ден имала две различни изјави за случајот.

Соработката помеѓу штипската фирма „Фокуснет“ и Македонски Телеком датира од 2001 и 2002 година кога бил склучен договор за изнајмување на интернет капацитети, договор кој бил раскинат од страна на Телеком поради неисплатени долгови.

По долгогодишен судски спор од 2008 година, Скопскиот граѓански суд пред две години ја одбил тужбата на штипската фирма против Телеком откако утврдиле дека се работи за фирма без имот, без основни средства, без приходи, со еден вработен и со блокирани средства.

Сепак ваквата пресуда минатиот месец Апелација ја преиначува во корист на штипската фирма која наместо првично побараните 2 милиони евра, сега треба од Телеком да добие двојно поголема отштета од 4 милиони евра. Пресудата е донесена без одржување на јавна седница и во период во кој повеќе пати биле менувани членовите на судечкиот совет, но не и главната судијка известител.

Случајот ќе го разгледува и Судскиот совет, по претставка од Македонски Телеком во се изразува сомнеж за поврзаност помеѓу судијката од предметот со штипската фирма. Во претставката меѓу другото стои и дека блокираната сметка на штипската фирма е повторно активирана, само еден месец пред донесување на пресудата, што според нив укажува дека имале информации за исходот од судската постапка.