Сопругата на поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, Јасмина Чавкова уште во декември лани со писмо го известила Основното јавно обвинителство дека живеат на адреса во Лисиче, а не на таа во Центар, наведена во личната карта. Писмото на својот Фејсбук профил го објави Зорица Чавкова, ќерката обвинетиот за насилствата во Собранието.
За адресата на татко ми се известени на 15.12.2017 година. И сега што правиме? Спин е дека е тепач, дека се степал во затворот па го преместиле во Шутка. Спин е дека самоволно одредил каде ќе ја извршува мерката домашен притвор. Спин е дека доживеал инфаркт и сликан е во Шутка. На добар пат сте да ми го уништите семејството, пишува Чавкова на Фејсбук.
Чавков, кој е еден од обвинетите за крвавите настани во Собранието на 27 април беше пуштен во домашен притвор, но според претседателот на Кривичниот суд, Иван Џолев, откако не бил најден на адресата на која требало да ја одлежи казната домашен притвор, тој е вратен во истражниот затвор Скопје во Шуто Оризари.