По спроведена претходна постапка, Основното јавно обвинителство Скопје на 07.02.2020 година до Основниот кривичен суд Скопје поднесе обвинение против едно лице за кривично дело – Убиство на миг од член 125 од Кривичниот законик.
На 14.08.2019 година на булеварот „Видое Смилевски – Бато“ во населбата Ново Лисиче, обвинетиот 18-годишник, доведен без своја вина во состојба на силна раздразнетост со напад и тешко навредување, со умисла го лишил од живот оштетениот Никола Христовски.
Законското битие на кривичното дело – Убиство на миг од член 125 од Кривичниот законик пропишува дека тој што друг ќе лиши од живот на миг, доведен без своја вина во состојба на силна раздразнетост со напад или со тешко навредување од страна на убиениот ќе се казни со затвор од една до пет години.
Поднесувањето на обвинението со таа правна квалификација следеше по сеопфатна анализа на сите вербални и материјални докази обезбедени во текот на претходната постапка. Па така, од тие докази неспорно произлезе дека обвинетиот го сторил кривичното дело во состојба на силна афективна раздразнетост, делувал афективно-импулсивно и не бил во состојба логично да размислува, да расудува и да раководи со своите постапки. Оваа психолошка состојба на сторителот неспорно произлезе од изготвениот вешт наод и мислење од ЈЗУ Универзитетска клиника за психијатрија – Скопје од тим од три вешти лица.
Од субјективен аспект, ова кривично дело е умислено, а не е кривично дело сторено од небрежност, со тоа што се работи за миговна умисла и донесување брза и ненадејна одлука да се изврши делото, кога сторителот се наоѓа во состојба на силна раздразнетост без своја вина.
Тоа се случило и во конкретниот случај затоа што најнапред обвинетиот со оштетениот и група други лица се сретнале кај бензинска пумпа во Ново Лисиче, каде обвинетиот бил навредуван и физички напaднат од страна на оштетениот и групата. Тој се исплашил и започнал да бега кон зградите, а групата од околу 30 лица трчала по него, извикувајќи навреди и пцовки. Кога дошол до влезот на зградата за да се скрие обвинетиот не успеал да влезе, а прв до него стигнал оштетениот. Во тој миг, на кој претходел напад врз него, тешко навредување и бегање за да се спаси, кај обвинетиот се створил афект на страв за својот живот, па тој посегнал по ножот и му ја задал убодната рана на оштетениот.
Ваквата правна квалификација за кривичното дело – Убиство на миг од член 125 од Кривичниот законик Основниот кривичен суд Скопје ја прифати и донесе пресуда со која обвинетиот го огласи за виновен и му изрече казна затвор во траење од три години.
Оваа правна квалификација, која во целост одговара на случениот настан, произлезе од утврдената фактичка состојба од страна на Судот со изведување на сите вербални и материјални докази на јавниот обвинител и на одбраната.
При неспорна фактичка состојба, не беа исполнети законските услови за примена на член 398 став 2 од Законот за кривична постапка според кој Судот не е врзан за предлогот на тужителот во однос на правната оценка на делото.
Во текот на судската постапка, правата на законските застапници на оштетениот – неговите родители ги штитеше нивен полномошник – адвокат кој во текот на целата постапка не ја оспори ниту фактичката состојба ниту правната квалификација на делото.
Обвинителството, во поглед на висината на изречената казна, вложи жалба и Апелациониот суд Скопје ќе одлучи по таа жалба, а согласно ЗКП, по службена должност, ќе ја испита пресудата.
Реакциите на социјалните мрежи, во јавноста и протестите во поглед на правната оцена на кривичното дело треба да бидат изземени од какви било дневно-политички интереси и притоа да не се злоупотребува загубата на еден млад човечки живот.