Очекувано Баерн против Тигрес во финалето на клупскиот мундијал

Фудбалерите на европскиот првак минхенски Баерн се пласираа во финалето на Светското клупско првентво, откако во понеделникот со 2:0 го совладаа египетски Ал Ахли кој на турнирот во катарскиот град ал-Рајиан настапи како шампион на Африка.

Баварците во финалето ги однесе Роберт Левандовски, најдобриот фудбалер на светот за минатата 2020 одина, кој беше прецизен за водството на Баерн во 17 минута, а победата ја потврди во 86 минута по асистенција на Лерој Сане. Победата на германскиот претставник можеше да биде резултатски и поизразена, но на неговите играчи им недостасуваше прецизност во завршниците од акциите.

Баерн по вторпат се пласира во финалето на Светското клупско првенство, откако во 2013 година минхенскиот тим го освои турнирот победувајќи го мароканскиот претставник Раџа Казабланка. Во 1976 и во 2001 година Баерн го освојуваше Интерконтиненталниот куп кој прерасна во сегашниот формат на клупски мундијал.

Финалниот натпревар ќе се одигра на стадионот „Едукејшн Сити“, во четврток 11-ти февруари во 19 часот, а Баерн за пехарот ќе се соочи со мескикански Тигрес кој во неделата во првото полуфинале со 1:0 го надигра бразилски Палмеирас.

Ал Ахли и Палмеирас од 16 часот ќе го играат дуелот за третото место.

Од 2013 година започна непрекинатата серија на триумфи на европските прваци на светските клупски првенства, а го започна токму Баерн. Од тогаш пехарот наменет за победникот четири пати го освојуваше Реал Мадрид, а по еднаш Барселона и Ливепрул.