Oд 1 јануари стартуваат прогресивниот данок на личен доход, на каматите на заштедите ќе се плаќа данок, а на хонорарите придонеси

На први јануари 2023 година треба да стартуваат прогресивниот данок и данокот на каматите на банкарските заштеди, а реформата треба да се заокружи во 2025 година со етапно воведување на нови концепти за придонеси на платите и на хонорарите, на данокот на добивка, на прибирање ДДВ… Според министерот Бесими фискалниот ефект без ДДВ, за што нема пресметка, би изнесувал дополнителни 54 милиони евра, а целта е да се поддржи економскиот раст, да има поправично оданочување и да се намали сивата економија.

Среде лето и среде економска криза Министерството за финансии забрзано работи на реформа на даночниот систем која треба да стартува уште на 1 јануари наредната година и етапно да се спроведува до 2025 година. За новиот концепт на даноците и социјалните придонеси Министерстовто има свои предлози, а за некои допрва треба да се води дебата.

Министерот за финансии Фатмир Бесими смирува, па вели дека подготовките не се од сега, туку од пред две години и тврди дека нема да има зголемување на даночните стапки, туку ќе се прави даночен систем по примерот на Европската унија со цел е да се поддржи економскиот раст, да има поправично оданочување и да се намали сивата економија.

Според концептот на ресорното министерство од 1 јануари треба да стартува прогресивото оданочување и данок на каматата на банкарските заштеди. За повторно воведување на прогресивен данок веќе има закон кој чека да стапи на сила од 1 јануари 2023 година. Но, тој веројатно нема да дочека примена, зашто, како што вели  Бесими, концептот допрва ќе се дефинира низ широка дебата со сите засегнати страни вклучувајќи ги и синдикатите, иако во Министерството се правени симулации.

-Има различни модели и Владата е отворена за разговор. Еден предлог е сегашниот, но не одиме со решенија, сакаме да слушнеме што ќе се каже на дебатите, вели Бесими и додава дека вкупниот ефект од реформата на данокот на личен доход би бил 0,2 проценти од БДП.

И воведувањето данок на каматите на заштедите не е нова идеја. Како дел од закон во изминатите години тој данок во неколку наврати се одложуваше за понатаму и не заживеа. Сега се оди со тоа данокот да изнесува 10 проценти, со старт од почетокот на наредната година.

Во план е и воведување обврска за плаќање продонеси на приходите од работа со договори на дело. Бесими вели дека за тоа нема конелчен предлог, а има предлози од Меѓународниот монетарен фонд и од Светска банка. И тоа не е ново. Вакво нешто се озакони во времето кога премиер беше Никола Груевски, а министер за финансии Зоран Ставрески, но по големите протести на граѓаните по улиците, се укина.

Дел од предложените реформи е да се покачи лимитот над кој не се плаќаат придонеси. Според сегашниот концепт, без разлика дали платата е повисока, социјален придонес се плаќа до сума еднаква на 16 просечни плати.

Данокот на додадена вредост во БДП кај нас учествува со 6,5 проценти, што е слично како во ЕУ, каде учествува со 7,2 процента. И за овој данок има неколку нови решенија, но не и пресметка кои би биле фискалните ефекти од нив. Реформите би го зафатиле и данокот на добивка од кои ефектот би бил 0,6 проценти од БДП или прилив од 2,8 милијарди денари.

-Политичката дебата ќе биде жешка, но ние не бегаме од тоа. Главна препорака е да се работи на проширување на даночната база и да има праведно оданочување. Концептот кој се отвори за дискусија предвидува ревидирање на сите ослободувања и намалување на сивата екониомија со мерки кои ќе демотивираат да се остане во неа, преку зголемување на трошоците, појасни Бесими.

Тој индформира дека кај нас даночните приходи изнесуваат 16,6 проценти од БДП, а заедно со социјалните придонеси надминуваат 26 проценти, за разлика од ЕУ каде изнесуваат над 41 процент. Учеството на даноците и придонесите во БДП кај нас е најмало и споредено со регионот. Со предложената даночна реформа, без ДДВ за кој нема пресметка, во буџетот би се слеале дополнителни 54 милиони евра.