Од 23 април 2023 година германскиот авиопревозник „Луфтханза“ влегува на македонскиот авијациски пазар со почнување летови на линијата Франкфурт – Скопје, соопшти „ТАВ Македонија“.
„Луфтханза“ ќе ги поврзе македонскиот главен град со главниот аеродром во Франкфурт нудејќи летови од Меѓународниот Аеродром Скопје секој ден во неделата, а во некои денови ќе лета по два лета неделно, со авиони од видот: „ербас 319“, „ербас A320“ и „ербас A321“.
Aеродромот во Франкфурт е главното германско авијациско седиште и еден од најважните трансфер-аеродроми во Европа.
Дополнително, високата честота на летовите – авиокомпанијата ќе лета секој ден во неделата, а во некои денови и по два пати дневно, дава одлична флексибилност за нашите патници кои патуваат за Германија и оние што се поврзуваат со Европа и Северна Америка.
Оваа нова конекција е особено важна за патниците кои патуваат за бизнис-цели и ќе понуди нови опции за авионскиот карго-превоз кон Германија, која е главен трговски партнер на Северна Македонија.
Влезот на групацијата „Луфтханза“ е резултат на континуираните маркетиншки активности на ТАВ, се со цел да привлече нови авиокомпании и да ги убеди да отворат нови дестинации од македонските аеродроми.
-Одлично е што нашата мрежа на авиолинии ќе се прошири и веруваме дека „Луфтханза“ ќе додаде на вредноста на услугите што им ги нудиме на нашите патници од Меѓународниот Аеродром Скопје“, изјави Метин Батак, генерален директор на ТАВ Македонија.
Германскиот авиопревозник го додава Скопје во својата мрежа на линии од летната сезона во 2023 година со цел да ја зајакне својата позиција во Источна Европа.
Продажбата на авиобилетите е веќе почната.
ТАВ Македонија ги заврши 11-те месеци од 2022 година со 2,2 милиона (2.190.352) патници на двата македонски аеродрома, Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св.апостол Павле Охрид, што е зголемување за 74 отсто во споредба со истиот период лани, но сепак за 12 отсто помалку споредбено со 2019 година, која се смета за референтна година во авијацијата пред појавувањето на кризата со Ковид-19.