Од безбедносни причини одложен дуелот Рајо Ваљекано – Атлетик

Натпреварот од третото коло на шпанското фудбалско првенство меѓу Рајо Ваљекано и Атлетик Билбао, кој требаше да се одигра во сабота на 1-ви септември, поради безбедносни причини е одложен, објавија во понеделникот челниците на лигата.

Стадионот „Ваљекас“ на кој домашните натпревари ги игра Рајо, во моментов се реновира, а бидејќи во текот на средбата од првото коло против Севилја на 19-ти август поради недоволно добро оградениот простор на градилиштето едно дете падна, водството на Ла Лига одлучи дека на овој терен повеќе не смеат да се играат мечеви се’ додека работите не бидат завршени.

Според пишувањето на локалните медиуми, работите на стадионот нема да бидат завршени најмалку до 15-ти октомври, па Рајо Ваљекано ќе мора да најде резервно решение за натпреварите против Алавес и Еспањол кои се на роспосредот на 23-ти односно 30-ти септември.