Од денес патнички летови од аеродромите во Скопје и Охрид

Меѓународниот аеродром Скопје и аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид од денеска се отворени повторно за патнички летови, по паузата од средината на март како дел од мерките за спречување на ширењето на вирусот КОВИД-19.

На двата аеродрома се применуваат нови протоколи според препораките од Комисијата за заразни болести.

Првите полетувања од скопскиот аеродром се претпладне за Бремен, Ларнака, Стокхолм и Келн, а ги реализира Виз Ер, додека првите слетувања се од Истанбул на авиокомпаниите Туркиш ерлајнс и Пегасус.

Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, пак, стартува со летови попладне за кога се предвидени полетувања и слетувања за и од Цирих и Милано.

Првите чартер летови на охридскиот аеродром ќе се реализираат на 5 јули и тоа од и до Варшава, а на 25 јули од и до Амстердам.

Поради новите протоколи за работа е на патниците им се препорачува да пристигнат на аеродромот најмалку три часа пред времето за полетување, за да имаат доволно време да ги завршат  процедурите.

Од ТАВ Македонија велат дека според новите мерки  за  заштита од коронавирусот патниците задолжително треба да почитуваат  три правила – постојано да носат заштитна маска, постојано да одржуваат безбедно растојание и високо ниво на лична хигиена.

-Од влезот во терминалната зграда, се до качувањето во авионот, нашата цел е целосно да го избегнеме физичкиот контакт меѓу нашите вработени и патниците. Во терминалната зграда смеат да влезат само оние лица кои ќе покажат валиден авионски билет (испечатен или на телефон), но не и нивните пријатели или членовите на нивните семејства кои дошле да ги испратат. На влезот ќе ги дезинфицираат рацете и чевлите, по што со термална камера ќе им се мери телесната температура. Доколку немаат покачена температура, ќе може да продолжат кон шалтерите за регистрација или саморегистрација. Сите овие процеси ќе се одвиваат без физички контакт со вработените, односно патниците ќе им ги покажат билетот на нашите агенти преку транспарентна преграда и лично треба да го регистрираат својот пасош на фиксираниот читач на шалтерите, рече во интервју за МИА Алпер Ерсој, генерален директор на ТАВ Македонија.

Според протоколите, забрането е патниците да седат еден до друг во аеродромските чекалници, зоните за заминувањa (Departures), пристигнувањa (Arrivals) и излез (Gates) и затоа на тие места седиштата се специјално обележани за да се одржи безбедното физичко растојание.