За петнаесетина дена вработените што досега зеле најниска плата во земјава ќе добијат покачување и ќе земаат минимална плата од 8.800 денари, вели министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, откако на последната собраниска седница беше изгласан Законот за минималната плата.
Со законот се предвидува неколкугодишно зголемување на минималната плата до износ од 10.080 денари.
„Законот веќе стапи во сила. Тоа значи дека околу 65.000 граѓани што се вработени и работат за минимална плата, од март годинава ќе добијат зголемување на платата. Предвидовме платите да се зголемуваат во следните три години, првпат во март годинава. Граѓаните што земаат минимална плата првото покачување треба да го имаат во идниот месец. Минималната плата ќе се покачи од сегашните 8.050 на 8.800 денари. Во март 2015 година минималната плата ќе изнесува 9.590 денари, а од истиот период во 2016 година работниците ќе добиваат минимална плата од 10.080 денари“, вели министерот Спасов, за „Дневник“.
Тој додава дека работодавачите ќе бидат обврзани да ја зголемат минималната плата, за што ќе следуваат ригорозни контроли за овој закон да се применува во целост без отстапки.
Во дејностите како што се производство на текстил, облека, кожа и кожни производи -минималната плата ќе се зголеми со соодветна динамика. За овие гранки ќе има плус две години приспособување за во 2018 година да се изедначи со другите плати.
Министерот Спасов смета дека зголемувањето на минималната плата ќе има неколку позитивни придобивки, оти како што вели со растењето на минималната плата ќе расте и платата на другите работници, ќе се зголемува и куповната моќ. Законот почна да се спроведува во јануари 2012 година, а висината на минималната плата тогаш се утврди на 8.050 денари месечно за полно работно време.
„Се надевам дека во иднина платите постојано ќе растат. Порастот на трошоците за живот се околу 19 отсто ако не се земат предвид акциските стоки, како цигари и алкохол. Ако порано најниската плата била 4.000 денари, денес изнесува 8.000, а за неколку дена, или во март граѓаните ќе добијат уште 800 денари плус“, додава Спасoв.
Kај нас минималната плата изнесува 39,6, а со зголемувањето што го предвидува Владата во март 2016 година ќе изнесува 48 отсто од просечната плата. Само како за споредба, во Романија минималната плата е 34,2 отсто од просечната плата, во Естонија – 33,5 отсто, во Полска – 40,1, во Шпанија – 34,7, во Словачка – 36,7 и во Србија е 33 отсто од просечната плата.
„Ќе се вработуваат 300 работно способни инвалидни лица, кои имаат долг стаж во бирото за невработени. Ова е еден хуман проект на Владата“, вели министерот Спасов, кој најавува дека деновиве сите што аплицирале на овој оглас ќе добијат писмено известување.
За вработување се пријавиле околу 1.800 граѓани, од кои 800 немале соодветни документи, а другите се рангирани според однапред определени критериуми.
Огласот се однесувал на лицата со оштетен вид, слух, со пречки во гласот, говорот и јазикот, со телесна инвалидност, со пречки во менталниот развој, со комбинирани пречки и инвалиди на трудот.
„При изборот на кандидатите се водеше сметка за принципот за еднаква и правична застапеност на заедниците. Интересно е дека некои лица што се јавија на огласот, а имаат документација дека се инвалиди, се всушност високообразовани кадри, чиј капацитет неоспорно треба да се искористи“, вели министерот Спасов.