![1536x864a](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2020/10/1536x864a.jpg?resize=696%2C392&ssl=1)
Ограбувачи во изминатите две седмици од два холандски музеа посветени на Втората светска војна украле ретки шлемови, оружје и униформи вредни повеќе од 1,5 милиони евра.
Оружје и униформи биле украдени во август од музејот во Беек, а пред две седмици од музејот во Осендрехт на југот од Холандија, изјави Јанеке Кенис, портпаролка на музејот „Overloon“.
„Не веруваме дека украдените предмети ќе бидат понудени отворено на продажба преку интернет, бидејќи сето оружје е нумерирано и станува збор за единствени примероци кои веднаш би биле препознаени“, оцени Кенис.
Откри дека крадците биле извонредно подготвени, и се чини дека експонатите ги украле за приватни колекционери.
„Веројатно ги посетувале и набљудувале музеите и ги бележеле местата на кои се наоѓаат интересни експонати, имале список и сето тоа го извеле многу професионално“, појаснува Кенис.
Од воениот музеј во Беек предметите биле однесени со неколку возила, откако крадците ја разбиле вратата од дворот, а потоа и влезната во зградата.
Музејот во Беек во својата поставка ја имал приказната за германскиот падобранец Аугуст Зегел, раскажана преку 150 костимирани ликови.
Од музејот во Осендрехт крадците собрале сѐ, со стотици илјади евра вредни униформи на злогласните нацистички единици SS, шлемови, капи, падобрани, огнено оружје, двогледи и други реквизити.
Музејот „Overloon“ по ограбувањето им го вратил на сопствениците предметите кои биле позајмени, бидејќи смета дека се предраговени за да останат изложени во јавноста и за повторен грабеж.