Кабелските оператори ќе го прекинат реемитувањето на сите домашни и странски ТВ канали на 2 март, в понеделник, неофицијално дознава Нетпрес.
Како што и најавија, ќе го пренесуваат само јавниот сервис – МТВ1, МТВ2 и Собранискиот канал.
Нивната одлука се должи на новите измени на Законот за аудио и аудиовизуелни и медиумски услуги (ЗААВМУ), што Собранието го донесе на 16.02.2020 година, на денот на распуштањето, по скратена и нетранспарентна постапка и без претходна јавна расправа. Со измените на Законот за аудиовизуелни услуги тие се обврзани да гарантираат за авторските права на програмите што ги реемитуваат.
Барањето на 5-те телевизии со закон да се наметне ограничување за странските канали за да можат да се реемитуаат во земјава значи директно кршење на Директивата за реемитување и Директивата за „телевизија без граници“ и претставува обид за вовед во цензура. Ваквиот јавно изкажан став на ММА јасно укажува дека мотивите и крајната цел за ваквото брзо носење на Измените на ЗААВМУ било токму притисокот со ваквиот закон да се намали бројот на ТВ-канали кои ќе се реемитуваат во земјава.
Во однос на авторските права, сакаме да ја информираме јавноста дека истите се веќе регулирани со Законот за авторски и сродни права и со Кривичниот законик. Оттука, измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги не само што не ја регулираат оваа проблематика, туку и дополнително ја усложнуваат, бидејќи создаваат правно неиздржани преседани. Операторите работат согласно сите закони и согласно директивите во ЕУ, а веќе посочивме дека ваквите измени се спротивни на директивите. За ова имаме и мислење од Европската комисија која укажува дека вакво законско решение не постои во ниту една земја членка на ЕУ“, стои во нивната реакција.
Операторите вчера беа повикани кај Спасовски на итен состанок за наоѓање решение со коешто би се избегнал медиумскиот мрак, но веројатно до договор не дошло.
Од Македонската медиумска асоцијација (ММА) посочија дека еднаш засекогаш треба да се уреди сферата на авторките права и тоа треба да важи за сите.
„Најважно е да се почитуваат правата на авторите. Најавата на кабелските оператори е апсурдна. Ние гарантираме за авторските права 24/7 и гарантираме дека на нашите телевизии не се појавува пиратерија. Ова е хир на кабелските оператори. Велат законот бил донесен брзо и нетранспарентно, што не е точно. Тој е донесен во декември 2018 година. Операторите се пожалија дека им преба време за негова имплементација. Имаа една година да се подготват. Телевизиите го почитуваат законот и како приватни фирми свесни сме за нашата општествена одгворност, за што кабловските оператори не се. Нивните закани се крајно непринципиелни“, рече Кировски.