По долги преговори, конечно е постигнат договор меѓу СОНК и МОН, соопштија на заедничката прес конференција по денешната средба, министерот за образование Јетон Шаќири и претседателот на СОНК, Јаким Неделков.
„Успешно ја заокруживме дискусијата во однос на повеќе отворени прашања, за што сум исклучително задоволен. Дојдовме до краен епилог, се согласивме и двете страни да ги прифатиме предлозите на медијаторот. Повисоки плати во образовани ќе има. Освен порамнувањето со минималната плата, ќе има дополнително покачување на платите за 15% со исплата од септември. Исто така, нема да има кратење на платата за вработените во образованието за периодот во кој штрајкуваа. Истите работи ќе важат и за вработените во градинките“, изјави министерот.
Неделков истакна дека очекува препораките од денешниот договор да бидат прифатени од членството и во рок од 10 дена МОН и СОНК да потпишат спогодба.
„Се надевам дека членството ќе ги прифати препораките од помирувачот“, изјави тој по состанокот.
На средбата во Министерството за образование и наука се допрецизираа и колективните договори и договорено е во иднина при креирањето на буџетот заеднички да се разговара со синдикатот.
Штрајкот во градинките и училиштата започна на 11 април, со барања на СОНК за зголемување на платите од 18,4 проценти. На 28 април беше ставен во мирување откако Синдикатот доби известување од МТСП, дека МОН бара мирно решавање на работниот спор со медијатор. Потоа започна процесот на помирување меѓу СОНК и МОН кој заврши со усогласување на ставовите на двете страни.